Разрешување на Кацарска нема да биде тема во Собранието


Собранието нема да расправа за дописот од Судскиот совет (СС) дека на уставната судијка Добрила Кацарска ѝ престанал судискиот статус поради пензионирање. Тоа го потврди претседателот на Собранието Африм Гаши .

На Кацарска како уставен судија мандатот ѝ е регулиран со Уставот и тој не вклучува престанок заради пензионирање пред истекот на мандатот, но Судскиот совет пред два дена го информирал Собранието, кое ги избира уставните судии, дека на судијката ѝ престанал судскиот статус. 

Од Судскиот совет вчера информираа дека не бараат разрешување на Кацарска, бидејќи тоа не е во нивна надлежност, туку дека до Собранието испратиле само официјално известување „за запознавање и евентуално натамошно постапување“ од страна на надлежниот орган.

Според Уставот, функцијата на уставен судија престанува во три случаи: ако сам си поднесе оставка, а може да биде разрешен, потоа ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција. Уставот наведува дека надлежен за утврдување на овие околности е самиот Уставен суд, а не Собранието, па останува дилемата зошто Судскиот совет воопшто испратил допис до Собранието.

Кацарска беше избрана за уставна судијка во 2020 година, а во 2021 година беше избрана за претседателка на Уставниот суд. По завршувањето на тригодишниот мандат како претседател, на нејзино место беше избран Костадиновски. Мандатот на уставен судија трае девет години, што значи Кацарска има уште 5,5 години мандат како уставна судијка.