Различни вкусови, рачни изработки и музички изведби го промовираа прекуграничниот регион на настанот „Border Bite” во Дојран


Домашни органски производи од бадеми и други јаткасти плодови, органско производство на слатко од смокви, чипс и природен засладувач од јапонско јаболко, декоративни предмети изработени од повеќе видови на дрво, изработки од текстилни материјали, домашни готвени јадења од дојранската кујна, како и повеќе видови на вина, мед и медови производи и природно изработени сапуни беше дел од богатата понуда на настанот „Border Bite” што е одржа во Дојран. 

Под покровителство на институтот „Поттик”, Општина Дојран и Американската амбасада настанот ги обедини македонски и грчки локални производители од пограничниот регион.

Различните вкусови и изработки беа збогатени со културно – музичка програма и настапи на мандолинскиот оркестар „Полифонија Стрингс”, фолклорниот ансамбл „Мегдан”, групата „Распеани Дојранчани” и други изведувачи.

Како што велат организаторите, манифестацијата има за цел да презентира приказни што заслужуваат да се слушнат, од луѓето кои со своите производи и рачни изработки ја збогатуваат економската, културната и општествената слика на двете заедници.

– Особена чест и задоволство е да се видат овие занаетчии коишто се тука заедно, посебно во делот на поддршката која ја добиваме од мрежата на американските катчиња, но и организациите коишто доаѓаат од другата страна на границата со Грција. Здружувањето и соработката се од исклучителна вредност за сите нас. Вашата работа не е значајна само за вас, вашата земја и вашиот регион, но и за нашите прекуокеански односи со САД, истакна Чарлс Сантијаго Моралес, аташе за култура при амбасадата на САД.

Добредојде на сите учесници им посака и градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, со желба ваквите настани да продолжат и во наредните години.

– Голема е честа ние како Општина Дојран да бидеме домаќини на еден преубав настан и да упатиме силна порака на соработка и на заедништво. Навистина се радувам на денешнава голема посетеност, на нашите пријатели од Република Грција и на нашите локални производители. Како Општина цврсто ќе стоиме зад сите наши локални изведувачи – порача Тентов.

На централното шеталиште во Стар Дојран, под јаворите, посетителите можеа да пробаат различни вкусови од домашните и органски производи, како и да видат најразлични рачни изработки.

– Идејата за вакви изработки опстојува кај мене веќе дваесеттина години. Инаку јас сум професионален пожарникар во Гевгелија, а ова ми е хоби. Зависно од тоа каков мотив ќе изработувам и од какво дрво, толку ќе трае и создавањето на една изработка. Работам со бука, орев, даб, ела, слива, круша, значи сите видови на дрвен материјал од ова поднебје, вели Васил Танев, изработувач на дрвени украсни предмети.

Емилија Ефтимова од Богданци, која учествува на настанот за да го претстави својот бренд „Emassoap”, вели дека природни рачно изработени сапуни почнала да изработува за своите ќерки тинејџерки, а потоа го проширила асортиманот и почнала со поширока продажба.

– Тука сум да ги претставам моите природни глицерински сапуни, изработени со природни билки, козјо млеко, магарешко млеко, природна луфа, со чиа семе. Значи во изработката користам се од природата што може да послужи за изработка на сапуните, кои сама ги правам, вели таа и додава дека изложува секаде кадешто ќе ја повикаат, а врши и онлајн продажба.

Смиља Танова од дојранското село Николиќ го претстави својот бренд „Медени колачиња”. Таа вели дека изработката на декоративните путер колачиња се нејзино хоби, а најмногу ги бараат за родендени и за сите убави моменти кои треба да се одбележат.

Наќо Кимов од Валандово веќе 30 години произведува слатко и мармалад од смокви.

– Пред 30 години почнав со производство на слатко од зелени диви смокви и мармалад од зрели смокви, но без шеќер и конзерванси. Покрај ова имаме и јапонски органски јаболки за кои поседувам сертификат и сето тоа се одгледува без хемија и природно. Нашите предели се такви што Господ ги надарил со многу природни убавини и плодови кои ги имаме во изобилие како смоквите, калинките и другите овошја кои не се третираат со никакви препарати, вели Кимов.

Уште еден валандовчанец кој успеал да ги искористи сите поволности на јапонското јаболко е Стојан Манолев, кој на настанот се претстави со мелена јапонска јаболка која се користи како природен засладувач и сушени јапонски јаболки, во вид на чипс. За своите производи вели дека најчесто ги промовира преку организацијата „Слоу фуд”, а врши и онлајн продажба, како и продажба по пријатели.

Производителите на органско вино од Грција кои учествуваа на настанот велат дека ваквите иницијативи се многу значајни, бидејќи преку нив се воспоставуваат контакти меѓу самите производители и организации од прекуграничниот регион.

– Ние сме претставници на винаријата Тацис од Гумениса од Грција. Денес донесовме четири од нашите типови на вина кои ги произведуваме и тоа две бело, едно розе и едно црно вино, сите биооргански. Одгледувањето на лозјата е на органски начин, а во изработката на виното користиме само сопствено грозје. Значи не се користат никакви хемиски и останати додатоци. Вкусот се постигнува со мешање на повеќе видови грозја, велат сопствениците на винаријата Тацис.