Разговорите се „чувствителни“: Владата за најавената реконструкција

По долги месеци најави денеска попладне треба да почнат разговорите за промени во Владата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди


Фото: Б. Грданоски

 

Многумесечната најава на премиерот Христијан Мицкоски дека во јуни, на половина од мандатот, ќе има реконструкција на Владата, веројатно ќе се остварат. За денеска и утре се предвидени средби со ЗНАМ и Вреди. Од Владата соопштуваат дека работата била „чувствителна“ и во рана фаза и затоа засега немаат што да соопштуваат.

„Со оглед на тоа што разговорите се во рана фаза и станува збор за чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап, во овој момент не би навлегувале во дополнителни детали. Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана“, рекоа од Владата.

Оттаму ги насочуваат новинарите да го преслушаат или прочитаат она што Мицкоски го кажа на стадионот во Струмица на одбележување на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ. Од Владата велат посебно да се обрне внимание на зборовите на премиерот дека „внимателно ги следи состојбите во институциите и дека не е задоволен од појавите кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата“.

„Мицкоски јасно порача дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, додавајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните“, наведуваат од Владата.

Во своето обраќање тој нагласи дека нема да толерира несовесност, неодговорност и отстапување од принципите врз кои се темели работата на Владата, без разлика на функцијата што некој ја извршува.

Како тоа ќе биде ефектуирано во можните промени на министрите или ротација на ресорите не е јасно. Врвните претставници на ЗНАМ неколку пати нагласија дека се многу задоволни од своите два министри и се против ротација на ресорите. Од Вреди се малку помолчаливи. Едниот вицепремиер (Арбен Фетаи) веќе ја напушти Македонија и се врати во Брисел, а другиот (Фатмир Лимани) се однесува како да не е член на партијата. Дали освен овие двајца министри ќе биде влезен уште некој во барабанот за реконструкција, рано е да се каже.

Има повеќе министри за кои во јавноста владее впечатокот дека се под нивото на задачите што ги бараат нивните ресори. Многумина беа споменувани како министри кои може да бидат сменети, но прашање е колку сето тоа е точно. Коалициските преговори (па и за реконструкција) се комплицирани. А исто така се комплицирани внатрешните состојби во партиите. Ќе видиме со какви имиња ќе се појави премиерот Мицкоски во нардените неколку дена.