„Разбистри се“ ја обвини Морачанин дека ги злоупотребила за пресметка со Петровска


 

Алијанса „Разбистри повика да не бидат злоупотребувани нејзините наодите во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, „со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите“.

Во реакцијата се наведува дека лидерката на ДОМ Маја Морачанин заради свои цели во контекстот на разрешувањето на Петровска, злоупотребила еден наод на Алијанса „Разбистри сè” кој се однесува на ДИЖС.

Во изминатиот период соработката со Државниот инспекторат за животна средина и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно, беше на високо ниво и жалиме за разрешувањето, велат од Алијанса „Разбистри сè”. Во реакцијата се нагласува дека  во Алијансата е вклучен и активно учествува Државниот инспекторат за животна средина, кој се приклучи како партнер во уште во декември 2020 година. Заедно со Инспекторатот беше создадена апликацијата за пријавување на загадувачи, се вели во реакцијата.

„ДИЖС учествува во неформалното тело ‘Граѓански инспекциски совет’, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, а кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Заедно со ДИЖС ја создадовме апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво“, се вели во соопштението.

За времетраење на својата кампањата, Алијансата нагласува дека објави повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС.

„Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска“, се нагласува и се додава дека соработката со Петровска била на високо ниво.