Расте бројот на штрковите во богданското село Стојаково (фото)
Бројот на активните гнезда на штркови во богданското село Стојаково, кое токму денеска, на Света Недела, го прославува панаѓурот, секоја година е во постојан пораст.
Во споредба со 2018 година, кога во селото имало 37 гнезда со 74 возрасни и 134 млади штркови, пребројувањето што го прават мештаните годинава покажа дека во Стојаково моментно има 45 активни гнезда во кои живеат 90 возрасни и 154 млади штркови.
Жителите на селото искрено се гордеат со гнездата што ги има речиси на секоја бандера затоа што присуството на штрковите, велат, е витинска потврда дека живеат во еколошки чиста и здрава животна средина.
–Штрковите населуваат еколошки чисти средини, што значи дека Стојаково максимално ги исполнува нивните услови затоа што е рамничарско село во близина на реката Вардар, има безбедни места за гнездење и изобилство од храна за штрковите по околните обработливи површини и влажни ливади, вели Роберт Иванџиков, претседател на месната заедница во Стојаково.