Раст на бројот на арбитражни спорови во градежништвото, енергетиката и рударството


Фото: Б. Грданоски

Правната сигурност и условите за привлекување инвестиции, институционалната поставеност и трендовите во инвестициската и комерцијална арбитража беа во фокусот на дискусиите на арбитражниот форум „Изнаоѓање решенија за ефикасно решавање спорови”, што се одржа во организација на Македонската Асоцијација на корпоративни правници во соработка со Македонија 2025.

Учесниците на панелот, информира денеска МАКП,  се согласија дека предвидливоста на деловната регулатива и правниот систем во државата се особено значајни за компаниите и превенирање на споровите. Низ дискусијата се истакнаа главните специфики на трговската и инвестициската арбитража и главните арбитражни центри.

МАКП посочува дека во последните неколку години евидентен е трендот на раст на бројот на арбитражни спорови во регионот кога се во прашање секторите како градежништво, енергетиката и рударството.

– Иако арбитражата како алтернативне начин на решавање на споровите, историски е присутна многу одамна во општеставата, сеуште создава потреба од натамошни дискусии и прилагодување кон тековните промени и потребите на бизнисот, истакна Иван Петрушевски, претседател на Македонската асоцијација на корпоративни правници.

Мајк Зафировски, ко-основач на Македонија 2025, во обраќање на отворањето на форумот ја истакна потребата од борба против корупцијата и забрзување на економскиот раст и подобрување на квалитетот на живот во Македонија.  Настанот го отворија Стефан Волкановски, државен секретар во Министерството за транспорт и врски, а говорници беа Саше Димитров, партнер во адвокатската куќа од САД Baker Hostetler, Гоце Димовски, директор на Дирекција за ТИРЗ, Арлинд Зеќири, управувачки партнер во LGP Скопје, Виктор Мизо, потпретседател на Стопанска комора на Република Северна Македонија, Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини како и престставници од меѓународни организации и реномирани адвокатски куќи.