Рама се брука на меѓународната сцена, го нарече хашкиот судија „платен убиец“


Албанскиот премиер Еди Рама деновиве интензивно се брука на меѓународната сцена, овојпат нарекувајќи го хашкиот судија одговорен за судењето на лидерот на УЧК, Хашим Тачи – „најмен убиец“ и „идиот“, а судењето – „меѓународна глупост“.

Заедно со косовската претседателка Вјоса Oсмани тие вчера присуствуваа на Одморот за мир за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со повеќе авторитарни лидери главно од Азија, со очигледна цел да го искористат состанокот со лидерот на САД за да влијаат на судскиот процес во Хаг.

Тој и Османи одржаа и прес конференција на која оценија дека  хашкиот обвинител се однесува како „сикарио“ (шпански збор за најмен убиец / платен убиец), дека барањето за 45-годишна казна е „срамно“ и го загрозува мирот во регионот и  дека  Судот досега не успеал да испорача демократска правда, повикувајќи притоа отворено Косово и Албанија да се обединат, како единствен начин да се заштити албанскиот идентитет и да се спротивстават на она што го сметаат за „неправеден прогон“ на албанските лидери. Вакви судења патем имаше и за српски, и за хрватски, и за македонски политичари и никој вака не драматизираше, уште помалку го навредуваше Хашкиот суд, ниту пак некој тврдеше дека е политички упад против партиите или против некој народ. 

Притоа Рама даде и други субјективни оценки иако во Хаг не се суди на Косово или на Албанија, ниту пак на УЧК, туку на некои од лидерите кои ги надминале границите на прифатливо војување. Имено, Рама уверуваше дека „ борците на ОВК се херои и дека  секој суд што ги казнува е нелегитимен и пристрасен.“ 

За време на својот говор пред Одборот за мир, албанскиот премиер го повика претседателот Трамп да „направи нешто“ во врска со Специјализираниот суд за Косово на чие основање се согласи и Приштина во минатото, а во кој сега се судат поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и други поранешни команданти на ОВК за воени злосторства против Срби, Роми, па дури и противници Албанци. Оценувајќи дека Судот не успеал да ги испочитува стандардите на демократската правда тој практично се обидува да влијае на неговата одлука. 

Овој суд е создаден специјално за да суди за злосторствата извршени од членови на ОВК за време на војната  бидејќи српските злосторства беа судени во претходни трибунали.

Ваквата реторика на Еди Рама не е случајна, откако опозицијата во земјата опасно му ја затресе фотелјата обвинувајќуи го за корупција, нешто што го признаваат и тие што му се наклонети во државата. Неодамна протестите ескалираа толку многу што Рама се закани  со употреба на физичка сила за да ги отстрани разгневерите опозиционери од пред Парламентот, кои палеа и фрлаа молотови коктели. 

Неговиот „ореол“ почна да бледнее и во Европа, иако и натаму му се даваат високи оценки за реформите во земјата. Ако продолжи со овој непримерен речник кон хашките судии, кој може да се сведе на реченицата дека на косовски воени злосторници не смее да им се суди бидејќи по дефиниција се невини,  нема да му помогне седењето на две столици и играњето на картата на анти-хашките чувства на Трамп. Пред се бидејќи со ваквите притисоци и ваквото селективно чувство за правда Рама покажува како ќе се однесува ако Албанија стане земја членка на Унијата.  Јасно е притоа дека Рама е охрабрен од бизнис диловите што ги има со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, но  таа тактика му се врати како бумеранг на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Познато е дека Трамп веднаш штом се врати на власта  ја врати извршната наредба што му дозволува да воведе економски санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, но тоа не се случи досега. Главниот мотив не му беше Косово туку  налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за воени злосторства. Специјализираниот суд сепак формално е дел  од  косовскиот правен систем, но е компонитран од странски судии и е со седиште во Хаг.  (С.Ј.)