Рама: Ако условот за евроинтеграција на Албанија е Белери, никогаш нема да влеземе во ЕУ
„Ако услов за интеграција на Албанија е Фреди Белери, тогаш никогаш нема да влеземе во ЕУ“.
Вака на периодичните грчки „закани“ одговори албанскиот премиер Еди Рама по пораката од Атина дека нема да ја поддржи одлуката за прием на земјата во ЕУ доколку не се дозволи уапсениот градоначалник на Химара, Фреди Белери, кој има грчко потекло, да поденесе заклетва.
„Не верувам дека загриженоста на Грција ќе продолжи до 2030 година, но ако овој случај со Белери остане, нека биде така. Никогаш нема да влеземе во ЕУ. Но, јас не верувам дека
ќе остане така, тоа е прашање за кое е бесмислено да се разговара понатаму“, рече Рама.
Според него, оваа дискусија е завршена за албанската страна, а се работи за градоначалник
одговорен пред судските органи и тие се тие кои ќе одлучат што ќе биде со него.
„За мене не е многу важно дали формално сме во ЕУ или не, за мене е важно да станеме
земја со сите параметри на ЕУ за нас, за нашите деца“, додаде Рама.
Белери е во затвор откако беше приведен од албанските власти под сомнеж за изборен фалсификат, што тој го негира. Апсењето е извршено по прислушувањето што го изврши специјалното обвинителство на СПАК, за кое Белери тврди дека е незаконско.