Раководител во Општина Битола под истрага на обвинителството денес е суспендиран од работа  


Вилата за која се води истрага

 

БИТОЛА – Вработен на позицијата раководител на сектор во Општина Битола е дел од предистражна постапка на Основното јавно обвинителство Битола, откако во медиумите се пласираа информации дека луксузната вила со базен во селото Дихово била на вработен во општината.

Ова следуваше по големата акција на Општина Битола за утврдени незаконитости и дивоградби во Потпелистерието, селото Дихово и населбата Довлеџик во Битола, акција спроведена непосредно по големата трагедија во Кочани.

На 3 април годинава Општина Битола информира дека „по допрен глас, извршен е увид и на објект во сопственост на вработен во Општина Битола. Врз основа на констатираната состојба, во моментот се врши проверка на документацијата и утврдување на евентуални неправилности. Доколку, истите бидат утврдени, ќе биде постапено согласно Закон.

Денеска ОЈО Битола за „Независен“ потврдува дека отворена е предистражна постапка за овој случај.

„Основното јавно обвинителство од  Битола по допрен глас има поведено предистражна постапка врз основа на новинарски натписи за сомнение за сторени кривични дела, но во предметот сѐ уште нема јавнообвинителска одлука затоа што се преземаат истражни дејствија“, соопштија од ОЈО Битола за „Независен“.

Градоначалникот Тони Коњановски денеска јавно објави дека го суспендирал од работа раководителот на сектор додека трае истражната постапка.

„Ја информирам јавноста дека против едно административно лице, вработено во општинската администрација на работна позиција раководител на сектор, е поднесена кривична пријава од страна на надлежни институции. Во согласност со важечките прописи и внатрешните процедури, донесена е одлука за привремена суспензија на лицето од работното место, додека трае постапката“, вели Коњановски и објаснува дека оваа мерка е преземена со цел да се обезбеди непречено одвивање на институционалните процеси и да се зачува интегритетот на општинската администрација.

Во април се крена голема врева во Битола, особено на социјалните мрежи за вилата на вработен инспектор во Општина Битола, познат во градот. На фотографиите објавени од општината беше прикажан објектот со базен во дворот. (А.Б.)