Рајко Грлиќ доаѓа во Скопје : Славните филмови во Кинотека


Филмски омаж на режисерот Рајко Грлиќ со наслов „Чуварот на благородната утопија“ ќе се одржи од 31 мај до 4 јуни во Кинотеката на Македонија. Тој ќе биде лично присутен на проекциите.

– Грлиќ се школувал на прочуената филмска школа ФАМУ во Прага, Чешка, која во наследството ја има и ја негува средноевропската мултикултурна утопија на некогашното Австроунгарско Царство; бегајќи од военото лудило во поранешна Југославија во 1990-тите години, Грлиќ најде привремено засолниште во САД, сè уште важечки мултикултурен образец во светот; последниве две децении е „распнат“ меѓу американската почва, каде што работи како професор по филмска режија, Загреб како роден град и Истра како еден вид „микротатковина“ по негов, личен избор – вели Стојан Синадинов во најавата за омажот.

Како режисер и косценарист има потпишано 11 долгометражни играни филмови: „И да пукне, нека пукне“ (1974), „Браво маестро“ (1978), „Само еднаш се љуби“ (1981), „Во челустите на животот“ (1984), „За среќа се потребни тројца“ (1986), „Ѓаволски рај“ (1989), „Чаруга“ (1991), „Жозефина“ (2002), „Караула“ (2006), „Нека остане меѓу нас“ (2010) и „Устав на Република Хрватска“ (2016). Во неговата филмографија има уште дузина долгометражни документарни филмови во кои е режисер и косценарист, како и играни филмови, телевизиски серии и филмови во кои е косценарист или продуцент. Тука неодминлив наслов е култната телевизиска серија од десет едночасовни епизоди „Бос в трње“ (1975) во режија на Срѓан Карановиќ, Грлиќ е сценарист на сите десет епизоди. Грлиќ досега потпишал и десетина краткометражни играни и документарни наслови.

Омажот почнува со проекција на „Само еднаш се љуби“ на 31 мај во 20 часот. Филмот учествувал на Канскиот фестивал во 1981 година, а Мики Манојловиќ на фестивалот во Валенсија ја освоил наградата за најдобра машка улога.

На 1 јуни (19 ч.) е филмот „ Во челустите на животот“ (U raljama života / In the Jaws of Life, 1984), а од 21 ч. – „Чаруга“ (Čaruga, 1991).

На 2 јуни од 19 ч. е документарецот „Секоја добра приказна е љубовна приказна“ (Svaka dobra priča je ljubavna priča, 2017), од 21 ч. е играниот филм „Нека остане меѓу нас“ (Neka ostane među nama, 2010).

На 3 јуни, од 19 ч. е играниот филм „И да пукне, нека пукне“ (Kud puklo da puklo, 1974), а од 21 часот е играниот филм „Караула“ (Karaula, 2006), првиот филм по распадот на Југославија во чија продукција учествувале екипи од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија и од Босна и Херцеговина.

На последниот ден, на 4 јуни, од 20 часот е играниот филм „Устав на Република Хрватска“ (Ustav Republike Hrvatske, 2016). Филмот освои десетина награди на фестивалите во светот, меѓу кои и наградата за најдобар филм на фестивалот во Монтреал.

Влезот е 50 денари.