„Рајанер“ ги укинува хартиените билети за бординг и ги отстранува шалтерите на аеродромите


Извршниот директор на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, ги објави плановите за елиминирање на хартиените билети за влегување во авион и отстранување на шалтерите за пријавување на аеродромите во следните неколку месеци.

Патниците ќе мора да се пријават за лет преку интернет или преку апликација пред да пристигнат на аеродромот, а планот е целосно да се укинат аеродромските шалтери до мај следната година.

Патниците кои нема да ја користат оваа опција ќе се соочат со такса од 55 фунти на аеродромот.

На прес-конференција во Даблин, О’Лири рече дека укинувањето на шалтерите за пријавување ќе ја елиминира потребата да се наплаќа услугата на аеродромот. Овој потег ќе ги спречи патниците без паметни телефони да се качат на летовите на „Рајанер“.

– Сакаме да се ослободиме од пријавувањето на аеродромот на ист начин како што ги укинавме шалтерите за багаж. Работиме на тоа да направиме сè достапно во апликацијата од 1 мај следната година, без потреба од хартиени билети – изјави О’Лири.

Тој, исто така, изјави дека иако лично бил скептичен за користење на апликацијата, таа работи многу добро, обезбедувајќи им на патниците информации за портите за качување и доцнењата. Се очекува бројот на патници кои ја користат апликацијата да се зголеми од сегашните 60 на 80 отсто до крајот на годината, а од мај да нема други опции освен апликацијата.

Тој додаде дека веќе се воспоставени процедури во случај да се испразни батеријата на телефонот на патникот или има проблем со скенирање на картата за патување.

„Ако ви згасне батеријата, го имаме вашето име, седиште и пасош и можеме да го обработиме тоа на влезната врата“, рече О’Лири.

Овој потег е дел од поширокиот план на „Рајанер“ за подобрување на дигиталната интеграција и намалување на употребата на хартија на своите летови.