Радиодифузерите треба да поднесат извештај до АВМУ за платеното политичко рекламирање


Радиодифузерите до денеска имаат рок да достават податоци во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за емитуваното платено политичко рекламирање (ППР) во првите седум дена од кампањата за претседателските избори и предвремените за градоначалници на Ново Село, Охрид и Дебар. Агенцијата од податоците ќе достави сублимиран извештај до Државната изборна комисија која, пак, треба на радиодифузерите да им исплати средства за емитуваното платено политичко рекламирање.

-Според Изборниот законик, пред исплата на трошоците за емитуваното ППР од страна на ДИК, Агенцијата е должна да достави извештај за вкупното времетраење на ова рекламирање што било емитувано кај секој радиодифузер, првпат на 10-от ден од изборната кампања, а вторпат на 7-от ден по завршување на кампањата. Оттаму, во согласност со Упатството што Советот на Агенцијата го усвои на 29 март 2019 година, радиодифузерите имаат обврска да достават податоци во Агенцијата за емитуваното платено политичко рекламирање, се вели во информацијата од АВМУ.

На радијата и телевизиите кои врз основа на склучени договори со учесниците во изборните процеси ќе емитуваат платено политичко рекламирање на претседателските кандидати и на кандидатите за градоначалници во општините Дебар, Ново Село и Охрид, трошоците, согласно Изборниот законик, ќе им ги исплати ДИК врз основа на доставени фактури. Секој радиодифузер кон фактурите треба да приложи медиа план и извештај за реализирана услуга потпишан и од радиодифузерот и од нарачателот на рекламирањето, односно учесникот во изборна кампања.

Првиот што ќе биде доставен денеска треба да ги содржи податоците за емитуваното политичко рекламирање за периодот од 1 до 7 април 2019 година.

АВМУ, денеска треба да одржи и седница на чиј дневен ред се предлози за покренување на прекршочни постапки поради прекршувања на Изборен законик.