Радев се налутил за „Булгаргаз“, се „истури“ на Македонија
На министерот за иновации и раст на Бугарија, Даниел Лорер, не му пречат критиките на претседателот Румен Радев за постапките на новата влада предводена од Кирил Петков во однос на Северна Македонија.
„Надворешната политика на земјата ја одредува владата, која работи заедно со Националното собрание“, рече тој.
На прашањето за неговата посета на Северна Македонија, Лорер истакна дека таа не е избрзана,како што смета Радев, туку задоцнета.Министерот посочи дека неговата посета се одвивала според програмата што била поставена од двете влади, за преговори и нема ништо изненадувачки во неа, ниту пак кој ќе ја води, бидејќи била договорена неколку дена претходно.Тој додаде и дека распоредот за постигнување резултати е многу интензивен.
-Националниот интерес, исто така, налага да бидеме опкружени со богати и социјално праведни соседи, рече Лорер, кој ја пофали средбата со неговиот македонски колега, Фатмир Битиќи.
Според Лорер, најголемиот пробив во економската соработка не е договореното воспоставување на авиолинијата Софија-Скопје и побрзата работа на Коридорот 8, туку договорот за транспарентност на инвестициите од двете страни на границата.
„За да се избегнат какви било шпекулации за дискриминација, секоја компанија инвеститор, доколку се сомнева дека е жртва на таква дискриминација, бидејќи е бугарска или македонска, може да даде сигнал што достигнува највисоко ниво“, објасни Даниел Лорер. Тој додава и дека бугарските компании немаат потреба некој да ги донесе во Северна Македонија, оти само го прават тоа.
На критиките од Радев реагираше и ГЕРБ според која „прашање на време е кога актуелната власт ќе се делегитимира и ќе си стави крај“. Демократска Бугарија,пак, смета дека треба да се поддржи позитивниот пристап на премиерот Кирил Петков кон Северна Македонија.
Ова беше прво јавно искажување на неодобрување на Радев за оработата на премиерот Кирил Петков,но за престрелката меѓу нив ДПС и БСП на Бугарија не сакаа да заземат став. Костадин Костадинов од „Вазраждане, коментирајќи за медиумите, оцени дека „времето ќе покаже дека има многу линии на поделба“ меѓу Радев и Петков, а „проблемот доаѓа од еманципацијата“ на премиерот.
За Момчил Иванов од „Има таков народ“ нормална е размената на реплики меѓу Радев и Петков.
„Кабинетот се обидува да изгради свој имиџ. Тоа се нормални процеси на преклопување, кои со време ќе се расчистат“, рече Иванов.
Иако насочена кон посетата на Македонија, критиката на Радев во бугарската влада всушност ја сфатија како реакција на смената на директорот на „Булгаргаз“, Николај Павлов, кој е поранешен министер за енергетика во првата преодна влада на Румен Радев.
„Кога кабинетот ќе направи промени во менаџментот на компаниите, треба да гарантира дека нема да има приватни посредници во снабдувањето со гас и дека ќе се постигнат подобри услови за Бугарија и подобри цени. Мојата надеж е дека во овој кабинет нема да биде во искушение од наследениот модел на управување, кој користеше услуги, одбори и регулатори за да разговара и промовира приватни интереси. Доколку се користи истиот пристап, нема да се постигнат различни резултати од наследството на Борисов“, рече Радев правејќи паралела со кабинетот на Бојко Борисов.
Вчера премиерот негираше дека има враќање на старите практики на управување, а денеска Лорер додаде: „Еден ден кажуваме дека борбата против корупцијата е тема број еден. Тоа го правиме и во Булгаргаз, бидејќи цената на гасот нè засега сите нас“. Натаму Лорер додаде:
„Да не бевме храбри – немаше да ја завршиме оваа работа. Ако подлегнавме на притисокот и влијанието – немаше да бидеме на оваа работа и немаше да бидеме избрани да го работиме тоа. Така што, кога ги слушнавме обвинувањата од другата страна, знаеме дека сме на добар пат“.