Радев пред средбата со Силјановска: Очекуваме конечно да се решат отворените прашања
Бугарскиот претседател Румен Радев утрово, пред посетата на претседателката Гордана Силјановска Давкова на Софија потврди деја ќе имаат официјални раговори, но порача дека Владата на Република Северна Македонија се уште не ја напуштила предизборната реторика и дека треба да се врати на реализмот.
„Точно е дека музиката и културата се сфери кои не зближуваат . Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекува овој дијалог не само да помогне во нашето културно зближување и да даде поттик на економската соработка, туку и да отвори дијалог за конечно решавање на отворените прашања меѓу нас“, рече Радев.
Тој нагласи дека заедно со потпишаните договори, вклучувањето на раководството на Северна Македонија во изградбата на Коридорот број 8 ќе биде јасен показател за реалните европски амбиции на РСМ за поголема поврзаност во регионот.
„Очекувам искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Силјановска да стане конзистентна политика и на Владата на РСМ“, рече Радев и продолжи:
„Владата на Република Северна Македонија се уште не ја напуштила предизборната реторика. Нека се вратат на реализмот. Нашите односи ќе се засноваат на склучените договори. Очекуваме РСМ да ги исполни сите свои обврски – и кон нас и кон Европската Унија. Ние строго го следиме протоколот, на ред сум сега јас да дојдам во официјална посета на Република Македонија“, рече Радев во врска со денешната посета на Силјановска-Давкова, која е неофицијална.
Запрашан дали веќе има ваква покана, претседателот рече дека ова прашање ќе биде разјаснето со шефот на македонската држава.
Инаку бугарските медиуми објавуваат дека средбата ќе биде затворена и по неа нема да има изјави, додека македонските во најголем дел се занимаваат со важноста на „културната дипломатија“ намалувајќи ги очекувањата од средбата во јавноста, меѓудругото и со оценката дека таа нема амбиција да води разговори за влошените односи туку прави само симболичен прв чекор на добра волја. Наспроти тоа бугарските медиумски коментари се дека Силјановска сака само да фрли прашина во очи со посетата, за да се правда пред Брисел дека бара решение за спорот, а медиумот на Бугарите во Македонија „Трибуна“ зад кој стојат структури поддржани од Радев, посетата ја дочека со скептицизам.
Според „Трибуна“, стратегијата на македонската влада да се претстави како активна страна во решавањето на проблемите меѓу Софија и Скопје е транспарентна, но не е нималку наивна. „Пред нашите европски партнери, властите во Скопје сакаат да покажат дека иницијативата за решавање на проблемите е нивна, а Софија горделиво стои на едно место и чека.Ова не е вистина! Картите се одамна ставени на маса и веќе е кристално јасно што мора да направи Република Северна Македонија за да го продолжи својот пат кон ЕУ…Што има моментално на јавниот простор долж оската Скопје-Софија? Освен црната кампања против Коридорот 8 од македонска страна, сагата околу македонскиот дел од историската комисија и кадровските промени во неа, сега се занимаваме со посетата на Силјановска-Давкова на Софија, која е неофицијална и не е поврзана со иницијатива да ги реши преземените обврски, туку е диктирана од љубовта кон оперската уметност.Ова без никакви скрупули може да се нарече – губење време“, пишува „Трибуна“, според која македонските политичари користат лицемерие во односите со Софија со една единствена цел. уште еднаш да ја излажат бугарската јавност.
„Македонските Бугари го гледале овој филм многу пати, па затоа едвај очекуваат дека и по 15 опери и 10 театарски продукции ќе престане јазикот на омраза кон Бугарија во медиумите“, пишува медиумот, порачувајќи дека само одењето во опера и на комеморации не е доволно. „Водигнува, но е бескорисно“, заклучува медиумот.