Радев го спушта тонот во кавгата со Македонија


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Доаѓањето на Радев денес е гест на добра волја кон Македонија, но и потег во интерес на некоја друга попријателска и проевропска Бугарија

 

Кога ќе слета авионот на бугарскиот претседател Румен Радев во Македонија, ништо веќе нема да биде исто во односите со Бугарија. Не дека Радев ќе попушти пред македонските очекувања, туку според тоа како почна, најверојатно ќе ги врати на нормална и цивилизациска основа преговорите со нашата држава, бидејќи тоа што го правеа Захариева и Каракачанов беше дно на водење надворешна политика. Дури и да е само тактика или резултат на надворешен притисок, видливо е дека новата гарнитура во Софија го спушта тонот во кавгата со Македонија.

Неделава, кога беше на самитот на ЕУ во Брисел, Радев мора да бил шокиран од последиците од практикувањето на позицијата земја-членка на Унијата од страна на претходната влада на Борисов. За неколку месеци, заради останување на власт и заради лечење национални комплекси, Бугарија ги наруши односите со сите словенски држави, со Србија, со Хрватска, со Словенија, со Чешка, со Словачка, отворено ѝ се потсмеваше Русија, а против нејзиното вето се построија  Австрија, Унгарија, Германија, САД, Грција и други земји. И што постигна?  Стана најомразената нација во Македонија, историската комисија заринка, јавноста не сакаше да чуе за нивните барања бидејќи ги доживеа како навредливи и злонамерни, а Бојко Борисов и Красимир Каракачанов ја загубија власта бидејќи ни во Бугарија никој не беше подготвен заради „македоското прашање“ да ги гледа уште четири години на власта.

Затоа, доаѓањето на Радев денес е гест на добра волја кон Македонија, но и потег во интерес на некоја друга попријателска и проевропска Бугарија. Впечатокот е дека Радев не се плаши од сенката на Борисов и дека сака да ги искористи петте минути што ги доби како лидер, бидејќи фигуративно целата власт во Бугарија во моментов е концентрирана во негови раце. Стана фактор и за нас, и за Брисел, кој го игнорираше досега поради прорускиот имиџ, и за Бугарите.

Според изјавите што ги даваше деновиве, првиот впечаток е дека сака да ги врати на нормала односите со Македонија и во такви, европски рамки, да ги стави и позициите на Бугарија. Иако не се знае какво ветување или гаранции му дале од Брисел, јасно му е дека предлогот што стигна од Лисабон е реалното што може да го очекува, а од неговата способност и дипломатичност, а не инаетење, ќе зависи колку ќе го измени во интерес на досегашната позиција на Бугарија. Може да избере и да ја блокира натаму Македонија и да инсистира на фамозната позиција за спорот на бугарскиот парламент, но резултатот од таквата политика веќе се виде и е на штета на Бугарија, исто толку колку и на Македонија.

Колку и да се надеваше Борисов дека Бугарија ќе го повтори сценариото на Грција со спорот за името, не успеа поради неколку факти: Бугарија не е Грција, никој во Брисел веќе нема нерви за идентитетски прашања, а во ОН веќе постои Преспански договор со кој тие прашања се решени, меѓудругото и со редовни консултации на Софија со Атина, така што неразумно е да се верува дека ЕУ ќе поддржи ново отворање на веќе затворени прашања околу Македонија. На Грција исто така ѝ одговараше Македонија да не стане стане земја членка на Унијата и да не мора да  ја отвори границата со нашата држава (читај: меѓу малцинствата), за разлика од Бугарија на која ѝ треба обратното. Грција не трпеше економски штети од блокадата на Македонија, напротив беше најголем странски инвеститор одреден период, наспроти Бугарија која историјата ја стави над економските интереси на државата. Грција, исто така, не отиде подалеку од условувањата на Македонија, додека Бугарија сега е на пат да си ги расипе и односите со Албанија, чија европерспектива исто така ја загрозува со блокадата на нашата држава.

Впечатокот од изјавите на Радев во Брисел се дека тој сака да биде државник, а не популист и дека заедно со новата техничка влада сака да расчисти со хипотеките што му ги остави Борисов. Дека нема поента Борисов да падне, а Радев да ја продолжи неговата неразумна политика за која доби жолт картон, и дома и во Европа. Неговите изјави не се насочени толку кон темите што нѐ разделуваат, колку кон можностите што водат кон решение на спорот со Македонија, не толку кон спорните личности од историјата колку кон гаранциите што ѝ требаат на Бугарија за прашањата за кои таму сметаат дека ги загрозуваат нивните интереси како држава.

Изјавите пак што доаѓаат од развластените „каракачановци“, Ангел Димитров, Андреј Ковачев и Екатерина Захариева, покажуваат дека и тие очајно се надеваат дека Радев ќе го смени курсот кон Македонија, за да можат повторно да го искористат на следните вонредни избори во Бугарија, без оглед што никој тоа не им го купува. Освен што ги трујат натаму односите со нашата држава, засега не успеваат да влијаат на однесувањето на новата политичка гарнитура.

Влогот на Радев на денешниот лет за Рим затоа е многу поголем од тој на Пендаровски, колку и да ни се чини обратно. Тој треба да покаже дека политичките сили што доаѓаат во Бугарија, а зад кои тој застана, можат да внесат реална промена и дека заслужуваат да добијат поголема поддршка на следните избори во Бугарија. За  Борисов да отиде во историјата, а не да се врати Гоце Делчев.