Радев гледа негативни пораки од Скопје


Проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи, земајќи ги предвид сопствените заслуги на секоја земја во процесот на интеграција. Усогласеноста со овој принцип е гаранција за одржување на стабилноста и безбедноста во Европа. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев на средбата со комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија, Оливер Вархеји, кој е во работна посета на Бугарија.

Според тоа што го пренесуваат бугарските медиуми, тема на разговор на двајцата соговорници бил и евроинтегративниот пат на Македонија. Радев изразил очекување дека по завршувањето на изборниот процес во земјава, „политичката ситуација ќе овозможи целосно спроведување на европското решение од јули 2022 година“.

-Изјавите на водечките политички личности во РСМ, дадени за време на кампањата која е провокативен карактер, не помагаат да се зајакне дијалогот меѓу нашите две земји, рекол шефот на бугарската држава, пренесува „БНР“.

Радев додал дека добрососедството е главен аспект во процесот на проширување и ја истакнал подготвеноста на Бугарија, како што додава, „без оглед на негативните пораки од Скопје, да ги обнови напорите за конструктивна билатерална соработка“.

-Евроинтеграциите на Западен Балкан немаат алтернатива и напредокот на земјите од регионот не треба да падне надвор од фокусот на европските институции, посочил бугарскиот претседател.

Радев и Вархеји разговарале и за перспективите на процесот на проширување, како за Западен Балкан, така и за Украина, Молдавија и Грузија. Констатирајќи ги разликите во геополитичкиот контекст во кој се наоѓаат поединечните земји-кандидатки, двајцата истакнале дека пристапувањето на секоја земја во ЕУ се заснова на сопствените заслуги врз основа на исполнувањето на јасни и недвосмислени критериуми и услови кои им се добро познати на сите земји.