Рабов: Инвестицијата на „Гересхајмер“ е јасен сигнал дека С. Македонија е одличен пазар за странските инвеститори
Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Герт Рабов, денеска во неговата Утринска телеграма истакна дека инвестицијата на „Герсхајмер“ е јасен сигнал дека Северна Македонија е одличен пазар за странските инвеститори.
„Како Делегација на германското стопанство во земјата, која веќе 23 години по ред се грижи за германските инвеститори и тесно соработува со Дирекцијата за Технолошко-индустриските развојни зони, многу сме задоволни од фактот што сериозна германска компанија како ‘Гересхајмер’ е најголемата Гринфилд инвестиција во земјата“, вели Рабов.
„Со ова се испраќа јасен сигнал дека Северна Македонија е одличен пазар за странските инвеститори, како што земјата се залага да им понуди добри услови, така инвеститорите се залагаат за подобри услови за своите вработени“, нагласува Рабов.
Како повод за оваа негова изјава е минатонеделната најавена изградбата на втората фабрика на германската инвестиција „Гересхајмер“ во Северна Македонија. „Гересхајмер“ произведува амбалажи од стакло, специјално стакло и пластика кои имаат примена во фармацевтската, козметичката и прехранбената индустрија.

Рабов посочува дека станува збор за инвестиција од над 126 милиони евра и заедно со првичната инвестиција на оваа компанија, инвестицискиот волумен е скоро 200 милиони евра. Ова е рекордна инвестиција од формирањето на Технолошко-индустриските развојни зони во Северна Македонија.
Планот на менаџментот е да се отворат повеќе од 180 нови работни места со просечна плата од 1.100 евра, што е значително над националниот просек.
Само минатата година во ТИРЗ беа отворени околу 2.300 нови работни места при што се реализираа нови инвестиции со вредност од преку 430 милиони евра.