Работодавачите си задржале десет милиони евра од државната помош


Не два милиона евра, колку што првично објави директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, туку 10 милиони евра задржале работодавачите од државната финансиска поддршка што беше наменета за исплата на плати (14.500 денари) на работниците, објави ТВ Телма повикувајќи се на извори од Владата. Меѓу над 4.500 компании има и медиум, а од Илинденска најавија дека ќе се обратат до Обвинителството и ќе побараат кривична одговорност за одговорните лица во фирмите.

„Ги чекаме податоците од УЈП по што јавно ќе ги објавиме имињата на компаниите кои не ги исплатиле платите на работниците кои ги добија од државата. Од Обвинителството ќе побараме да се покрене постапка за утврдување на кривична одговорност против одговорните лица во компаниите“, изјавил за Телма, Драги Рашковски, генерален секретар во Владата.

На списокот, што го објави ексклузивно Телма, се наоѓаат градежната фирма „Викторија инвест“ од Елбасан Албанија која добила над 10.000 евра од државата за исплата на минималец за 86 вработени, „Жито Вардар“ Груп од Велес  за 17 вработени, „ Изи холдинг“ од Струга за 15 вработени, како и „ Албезе Инг“ од Боговиње, градежна фирма ,која не ги исплатила 14-те вработени иако добила 2,600 евра од државата за нивните плати.  Исто како и  „Еуро Тех“ од Тетово, фирма за производство на облека која 2.300 евра од државата за 16-те вработени си ги задржала за себе. На списокот се и многу други компании од повеќе сфери.

Од владата велат дека по бурните  реакции во јавноста. дел почнале да ги исплатуваат платите на вработените, па и бројот на фирми се намалил. Генералниот секретаријат ќе бара од Обвинителството кривично да ги гони газдите. Па така покрај тоа што ќе ги вратат парите за плати кои ги зедоа од државата и тоа со камати, ќе заработат и парични казни, а може да завршат и во затвор од 1 до 10 години.

Околу 80 милиони евра добија газдите за три месеци да исплатуваат минималец од 14.500 денари за работниците. Иако синдикатите реагираа дека е подобро парите државата директно да ги префрла на сметките на работниците, сепак Владата одлучи парите да легнат на сметките на компаниите, кои потоа да ги префрлат на вработените.