Работниците ќе штрајкуваат во мрак за да не ги препознаат и да не им се заканува никој
Попладнево, во 17 часот, од пред Работничкиот дом тргнува поворка работници, за да го изразат своето незадоволство од висината на платите и да побараат зголемување од најмалку 6.000 денари, за минималната да се искачи на 600 евра.
Лидерот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов порача дека овој протест е „за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство“.
– Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците за да не ве препознае никој доколку Ви се закануваат. Ве молам да разберете дека другите не бројат и дека другите сметаат дека ако не дојдете им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата и дека вие добро живеете и дека вие зборувате само за убави работи, но реалноста е друга, а тие не ги симнаа розовите наочари и затоа се гледаме на улица во 17 часот од пред симболот на работничката борба – Работничкиот Дом на ССМ. Оттаму продолжуваме пред Собранието каде што пратениците се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на вашите плати, а имаат по две, две и пол и три илјади евра плата.