Работна група ќе наоѓа решенија за барањата на синдикатот, велат од Владата


Работна група ќе ги прибере сите потребни податоци со цел детална разработка на можните оперативни решенија за зацртаните социјални цели, најдоцна до 20 јануари 2022 година, се согласиле денеска Владата и синдикатите.

До средбата дојде како резултат на протестот што го организираше денеска Сојузот на синдикати на Македонија на кој испратија барања до Собранието, компаниите, работодавачите и до Владата.

Од Владата преку соопштение порачаа дека го „слушаат и разбираат гласот на работникот“.

„Со Синдикатите се договоривме да ги најдеме решенијата за повисока минимална плата и за унапредување на работничките статус и права“, се вели во соопштението до медиумите.

Во соопштението се додава дека Владата претставена од министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и од советникот на премиерот за труд и социјална политика Милан Живковиќ, денеска разговараше со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија и граѓанските синдикати што членуваат во него, а во врска со синдикалните барања за повисока минимална плата, потребата од конечно воведување на неделата како неработен ден, правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15, за јавниот сектор и за општиот колективен договор за приватниот сектор.

Владините претставници ги изнесоа владините политички позиции за унапредување на правата и статусот на работниците во Северна Македонија без разлика од кој сектор доаѓаат и уште еднаш ги потенцираа заложбите на Владата за најбрзо обезбедување на денот недела како неработен за сите работници кои имаат потреба од остварување на тоа право, како и за покачување на минималната плата до 18.000 денари најбрзо што може во 2022 година, а со цел покачување до 20.000 денари до крајот на мандатот.

Министерот Шаќири во име на Владата потенцираше дека обврска на Владата е да го слушне и разбере гласот на работникот и дека оваа Влада секогаш ќе биде отворена и ќе излегува во пресрет на барањата на синдикатите. Министерот изрази целосна подготвеност за реализација на циклус разговори меѓу Владата и социјалните партнери со цел најдат најсоодветни и изводливи решенија за унапредување на статусот на работниците, вклучувајќи и покачување на минималната плата, се вели во владиното соопштение.