Работна група ќе ги проверува трошењата на поранешната министерка Костадиновска-Стојчевска

Има премногу злоупотреби, изјави денеска министерот за култура Зоран Љутков околу работата на неговата претходничка Бисера Костадиновска-Стојчевска
„Жал ми е што претходната министерка за култура ги негираше наводите за злоупотреба на буџетски пари, бидејќи со ова ја негира институцијата со која раководела. Има премногу злоупотреби не само во делот на трошењето на народните пари на службената картичка, туку има големи злоупотреби и незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции. Полека ќе излегуваат на виделина“, рече Љутков.
Тој за време на неговата посета во НУБ „Св. Климент Охридски“, одговорајќи на новинарско прашање во врска со наводните злоупотреби на буџетски пари рече дека е формирана работна група за испитување на трошењата.
„Зошто не се распишувале тендери? Тоа е страшно, ќе се појавам на посебна прес-конференција да откријам страшни работи во делот на нејзиното работење, но работните групи полека ги испитуваат случаите и го испитуваат случајот со трошењето на службената картичка. Таму има извештај што е трошено и како е трошено. Како таа ја негира работната група, кога работела со тие луѓе. Тие луѓе со кои соработувала министерката се потпишани на извештајот и се дел од работната група“, рече Љутков.
Како што посочи, она што го презентира ВМРО-ДПМНЕ, е само дел од информациите со коишто располагаат.