Работите на автопатиштата се одвиваат според планот, освен трасата Требеништа–Ќафасан поради забелешки од УНЕСКО, вели Николоски


Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски вели дека изградбата на новите автопатишта од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“ се одвива според планираната динамика, со исклучок на трасата Требеништа–Ќафасан, каде работите се стопирани поради забелешки од УНЕСКО.

Николоски во гостување на Канал 5 телевизија нагласи дека и покрај двегодишно одложување оваа Влада успеала да започне со реална изградба на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола.

-Динамиката е согласно планираното, со едно одлагање од две години, од причина што тие две години од претходната Влада не беше изградено ништо. Ние кога дојдовме скоро и да немаше експропријација направено. Првото воведување во работа и на Тетово-Гостивар и на Гостивар-Букојчани и на Прилеп-Битола, беше во мандат на оваа Влада, но сега е динамиката добра и оди добро, истакна Николоски.

Во однос на автопатот Требеништа–Ќафасан, вицепремиерот Николоски посочи дека неговата изградба е дел од извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, иако самиот регион не е ставен под закана.

-Останува прашањето со Требеништа-Ќафасан, имајќи во предвид дека изградбата на овој автопат и официјално беше во извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион, иако Охридскиот регион што не е во опасност, ова остана дел од извештајот, дополни тој.