Работа на наставниците е да ја претстават својата струка за да привлечат ученици во средното образование
Само три ученици се запишале во првиот уписен рок во средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, а бидејќи овој број по закон е недоволен за формирање паралелка, деветтоодделенците ќе мора да се презапишат во друга струка, соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вчера, при што ги повика наставниците поажурно да ја презентираат струката пред учениците кои би требало да се запишат во средно образование.
– При распишување на конкурсот, поради долгогодишно немање ученици во земјоделското училиште, предложивме земјоделската струка да се префрли во регионалниот центар. Имаше реакција, како од училиштето, така и од градот – појасни Јаневска.
Министерката се сретнала со претставници од градот и со наставниците и раководството од училиштето, кои ветиле дека тие ќе се ангажираат кај деветтоодделенците да им објаснат што значи струката, што ќе можат да работат во иднина, каде ќе можат да се запишат ако сакаат да го продолжат своето школување. Да им објаснат зошто е таа струка толку важна.
– Тоа е дел од работата на наставниците, тоа е дел од образовниот процес. Ние сме имале примери на училишта, со многу низок рејтинг, кои со тек на време, токму поради ангажманот на наставниците, станале реномирани училишта – вели Јаневска.
Таа ги замолува да направат нешто за да ги задржиме нашите деца тука.
Ако Пелагонија е еден од столбовите на земјоделството и таму има развиено земјоделство, кое треба да се доразвива, тогаш децата и не мора да знаат сѐ, тука се наставниците да им покажат како во иднина тие би можеле да го модернизираат земјоделството, да го употребат своето знање за подобро и поголемо производство, затоа што и не очекуваме сите родители да можат тоа да го направат – рече Јаневска.
Одредени училишта, со ангажман на наставниците, кои спроведуваат кампањи во основните училишта, успеваат да привлечат повеќе нови ученици, а тоа ќе придонесе учениците да останат дома, смета министерката.