Путин нема разбирање за акцијата на САД: Нема оправдување за она што му се прави на Иран

Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека американските воздушни напади врз Иран се „апсолутно неиспровоцирана агресија“ и додаде дека нема „никакво оправдување или основа“ за такви потези.
Путин го изјави ова во Москва за време на состанокот со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, додека ескалацијата на конфликтот меѓу Иран, Израел и САД продолжува.
„Тоа е апсолутно неиспровоцирана агресија врз Иран. Нема основа и нема оправдување“, рече рускиот претседател.
Тој додаде дека ставот на Русија за актуелните настани веќе е јасно изразен и артикулиран од руското Министерство за надворешни работи.
Претходно, руското министерство објави официјално соопштение во кое Москва „остро ги осудува нападите на САД врз нуклеарните објекти на Иран“ и повика на итен прекин на агресијата и зајакнување на дипломатските напори за смирување на ситуацијата.
Израел започна воена операција против Иран во ноќта на 13 јуни, а Исламската Република возврати со напад помалку од 24 часа подоцна. Нападите продолжуваат, при што двете страни известуваат за мртви и ранети, како и за напади врз повеќе цели.
Соединетите Американски Држави се приклучија на вооружениот конфликт девет дена по неговата ескалација, во ноќта на 22 јуни, американските бомбардери нападнаа три ирански нуклеарни објекти: во Фордо, Натанц и Исфахан.