Путин до Ердоган: Војната ќе запре ако Украинците се предадат

Рускиот претседател му рекол на Ердоган дека Украинците треба да ги исполнат и сите барања на Кремљ


 

Владимир Путин рече дека руската воена операција ќе биде запрена само доколку Киев престане да се спротивставува и ги исполни сите барања на Кремљ.

Путин му рекол на турскиот претседател Таип Ердоган по телефон дека украинските преговарачи треба да заземат „поконструктивен“ пристап во разговорите со Москва за да ја земат предвид реалноста на теренот. 

Ердоган, кој важи за пријател на Путин, во денешниот разговор, според турските извештаи, му рекол на рускиот претседател веднаш да се вопостави примирје и да се обезбедат хуманитарни коридори и да се потпише мировен договор. Разговорот според соопштението на турското претседателство, траел еден час. Ердоган му рекол на Путин дека Турција е подготвена да придонесе за мирна разврска на конфликтот.

Според она што е објавено, рускиот претседател ги отфрлил таквите предлози.

Путин, чии коментари беа објавени во соопштението на Кремљ за телефонскиот разговор, рече дека неговата „специјална операција“ во Украина се одвива според планот и распоредот.

„Беше подвлечено дека суспензијата на специјалната операција е можна само доколку Киев ги запре воените операции и ги исполни добро познатите руски барања“, соопшти Кремљ.

Русија ги нарекува своите акции кај својот поранешен советски сосед „специјална операција“ која има за цел да ги уништи воените капацитети на Украина, да ја исчисти земјата од, како што вели, националистите и да ја направи неутрална држава.

Лидерот на Кремљ му рекол на Ердоган дека Москва е отворена за дијалог со украинските власти, но дека се надева оти украинските преговарачи ќе заземат поконструктивен пристап на следната рунда разговори.

„Подвлечено е вниманието на залудноста на какви било обиди за одолговлекување на преговарачкиот процес, кој го користат украинските безбедносни сили за да ги прегрупираат своите сили и ресурси“, соопшти Кремљ.

„Се надеваме дека за време на планираната следна рунда преговори, претставниците на Украина ќе покажат поконструктивен пристап, целосно земајќи ги предвид новите реалности“, стои во соопштението на Кремљ.