Пуч и џихад: Нигер го остварува кошмарот на Европа
Водечката улога на поранешниот „господар“, Франција, е доведена во прашање: четирите земји со успешни преврати во Сахел во последните неколку години се нејзини поранешни колонии
Кога САД одлучија во март годинава да ги искористат лекциите од Украина за споделување разузнавачки информации и за избегнување катастрофа, се свртеа кон лидерот на Чад, земја голема колку Франција, Шпанија и Германија заедно. Му кажаа дека платеници од руската приватна воена компанија „Вагнер“ сакаат да го убијат.
Неколку месеци подоцна, не Чад, туку соседниот Нигер ги потресе Африка и Европа. Тамошниот пуч создаде појас на држави со воена управа од Гвинеја на брегот на Атлантикот до Судан на Црвеното Море, во регион што НАТО го смета за поважен од Источна Азија и покрај очекуваниот ќор-сокак меѓу САД и Кина. Голем дел од земјите во него гледаат кон Русија, а другите не покажуваат силен интерес за соработка со Европа. Заедничко за речиси сите нив е тоа што се наоѓаат во новиот глобален епицентар на тероризмот кој се помести од Блискиот Исток и Југоисточна Азија.
Ударот на Европа, но и на Африка, нанесен од пучот беше невообичаено тежок, и тоа не само затоа што Нигер беше верен сојузник. Во прашање е целокупниот пристап на Европа кон регионот од витално значење за борбата против тероризмот и контролата на миграцијата, чиј центар за една година се покажа дека е Нигер, земја со европски и американски бази. Пучот ја отвора можноста за две крајности: uспешното африканско решавање на конфликтот би го зацврстило регионот против понатамошна нестабилност, но неуспехот може да доведе дури и до војна.
Нема причини за оптимизам
Осум години Франција водеше мисија со илјадници војници во Мали, Буркина Фасо, Нигер, Чад и Мавританија против џихадистичките групи во Сахел. Париз често е критикуван поради лошите резултати, но без разлика дали е тоа поради францускиот пристап или поради националните влади, или поради двете, безбедноста не се подобрува.
Една деценија по терористичката ескалација, Сахел официјално е „глобален епицентар на тероризмот“ според Глобалниот терористички индекс на Институтот за економија и мир. Во Сахел има повеќе жртви на тероризам отколку на Блискиот Исток и Источна Азија заедно во 2022 година. За истата година, тие сочинуваат 43% од сите такви случаи ширум светот, најмногу во Буркина Фасо и Мали. Нападите стануваат посмртоносни.
Проценката на западноафриканската заедница ЕКОВАС покажува дека само во првата половина од оваа година во Западна Африка се случиле 1.000 терористички напади кои предизвикале смрт на 4.000 луѓе и раселиле 4,5 милиони. Поради двата државни удари во Буркина Фасо и Мали, придружени со бесни антифранцуски чувства, забележано беше префрлување на силите кон Нигер во изминатите две години – особено по протерувањето на Франција од првите две земји. Во 2019 година, САД отворија и база за беспилотни летала во Нигер.
Нигер се соочува со голем број џихадистички групи, вклучувајќи ги Боко Харам (на југ), локалните ограноци на Ал Каеда и Исламската држава (на запад). Дали Нигер знаеше што прави? Некои набљудувачи одговараат со „да“, но сметаат дека трудот не бил доволен. Нигер го комбинираше антитероризмот и отвореното војување со џихадистите со превентивни напори и напори за реинтеграција на џихадистите и спроведување дијалог во заедницата за враќање на борците во мирна средина. Смртта на лидерот на Боко Харам пред неколку години отвори можност за тоа, поттикнувајќи бран од масовно напуштање на организацијата. Имаше и критики дека одговорните за овие програми не се доволно добро подготвени.
Против ваквиот пристап е генералот Омар Чијани, кој се прогласи за претседател по соборувањето на избраниот претседател Мохамед Базум. Тој смета дека холистичкиот пристап не функционира и дека е потребна поцврста рака; или барем тоа беше причина да се урне Базум.
Досега државните удари во Мали и Буркина Фасо не помогнаа да се подобри борбата против џихадизмот. Овие земји делат тројна граница со Нигер во регион каде што, според извештајот на невладините организации, во просек се убиваат по осум лица дневно. Меѓународната кризна група во извештајот пред неколку месеци рече дека воената управа во двете земји „го зголеми насилството врз цивилите, и од страна на државните сили и од нивните сојузници и џихадистички групи“. Во Буркина Фасо „џихадското насилство достигнува невидени нивоа“, се вели во истиот извештај.
Истражувачот Лина Рифат од Институтот за Блискиот Исток предупредува дека повлекувањето на илјадници сили на ОН од Мали до крајот на 2023 година – за што Бамако се залага по состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров – може само да создаде вакуум што ќе го искористат џихадистите.
Внатрешни борби и незадоволство
Од седум обиди за државен удар во Сахел (огромна област од Атлантикот до Црвеното Море) во последниве години, четири беа успешни: во Мали, Буркина Фасо, Судан, Нигер и, според некои, Чад, каде по атентатот на претседателот Идрис Деби од бунтовниците, армијата сама, без избори го назначи неговиот син Махамат Идрис Деби за претседател во 2021 година. САД се загрижени за „руското мешање“ во Чад со месеци, но во Нигер пучот – петти по независноста и соборувањето на Мохамед Базум две години откако тој ја презеде власта од Махамаду Исуфу – е внатрешен проблем. Во последните две години во земјата се создаде тензија, враќајќи ја во времето пред обидот за демократија (започнато во 2011 година). Сепак, односот кон надворешниот свет придонесе за кризата.
Нигер е 189-та земја во Индексот за човечки развој на Обединетите нации – последно место во рангирањето. Една од најсиромашните земји во светот со години е зафатена од терористички напади. Во земјата дејствуваат врски со Ал Каеда и Исламската држава, како и со Боко Харам; илјадници станаа жртви на нивните напади во изминатата деценија.
Населението на Нигер е најмладото во светот. Сегашните 25 милиони луѓе се очекува да се зголемат на 70 милиони до средината на векот, според ОН. Опустинувањето на земјата – само делумно поврзано со климатските промени – уништува колку 500 фудбалски терени обработливо земјиште годишно. Ова е плодна почва за незадоволство.
На овие проблеми, експертот за политички науки и меѓународни односи Олајнка Ајала додава уште три: етнички тензии (Базум е првиот арапски претседател на Нигер, дел од мала племенска заедница чии корени се во Либија и Арапскиот Полуостров); мноштвото странски војници што ја налути војската која верува дека Базум е човекот што ги поканил странците и неуспесите на регионалните сили како ЕКОВАС и Африканската унија да дејствуваат решително против државните удари во Буркина Фасо, Мали и Гвинеја. Ова, исто така, даде чувство на војската во Нигер дека може да дејствува неказнето.
Катарската телевизија Ал Џезира, која разговараше со советниците на Базум во раните утрински часови, наведе голем број грешки на претседателот, кој одби да се усогласи со планот на неговиот претходник и ментор – Исуфу, кој му ја предаде власта: двајцата да ротираат како Владимир Путин и Дмитриј Медведев во Русија. Место тоа Базум се обиде да изгради нови центри на влијание во главните органи на државата далеку од влијателни членови на владејачката партија, донесе кадровски решенија оспорени од елитата, ги разреши лојалистите на Исуфу на клучните позиции, организираше чистка во партијата и реформа на структурите на воените сили (надвор од планираната промена на шефот на гардата) – со што го исцрпи трпението на армијата со „зародишниот демократски експеримент“. Накратко, тој се обиде да не биде штитеник на Исуфу и да го продолжи демократскиот експеримент со зголемување на моќта во неговата институција.
Европа во слаба позиција
Оваа внатрешна динамика е потсетник дека Европа не може да биде одговорна за овие удари. Сепак, стариот континент се соочува со тешки одлуки. Многу Европејци го посетија Базум во последниве месеци, особено поради важноста на Нигер за ограничување на миграцијата. Заслугата всушност му припадна на Исуфу (минатата деценија), при што беа затворени рутите низ Либија. Француската министерка за надворешни работи Кетрин Колонад беше во Ниамеј само две недели пред пучот и зборуваше за потребата од „зајакнување“ на врските со Нигер. Во поново време обезбедената помош вклучуваше воена опрема, за која не се знае дека ја користеле пучистите. Вториот по големина африкански производител на ураниум, исто така, испорачува 15% од таа суровина во Франција, која е силно зависна за нејзините нуклеарни централи.
Неколку дена по пучот, шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека ЕУ нема да го признае воениот удар (за разлика од повнимателните САД, кои дури и не го употребија зборот „пуч“). Може сепак да биде неопходна тивка промена во оваа позиција.
„Европа овде е во прилично слаба позиција“, изјави Улф Лесинг, кој ја предводи програмата Сахел на фондацијата „Конрад Аденауер“ и кој беше на службено патување во Нигер неколку дена пред пучот. Според него, не е јасно како ќе се позиционираат новите лидери на Нигер додека Мали и Буркина Фасо, блиски до Русија, посегнуваат кон хунтата, ниту дали сакаат да продолжат со соработката.
„Очекувам европските земји да сакаат да продолжат да работат со Нигер, бидејќи земјата е клучна за борбата против миграцијата во Европа“, оцени тој.
Водечката улога на поранешниот „господар“, Франција, е исто така доведена во прашање: четирите земји со успешни преврати во Сахел во последните неколку години се нејзини поранешни колонии. Нигер беше важен и во париската антиџихадистичка стратегија и во напорите на Емануел Макрон да изгради врски меѓу „развиениот“ свет и таканаречениот Глобален југ.
Кризата неизбежно ги загрижи другите во ЕУ. „Стабилноста на Сахел е од фундаментално значење бидејќи тоа е единствениот начин да се спречат новите миграциски текови во Европа и да се намали терористичката закана“, рече унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по разговорот со Колона.
Судбината на европските сили во Нигер не зависи од Европејците, кои ги префрлија во Нигер своите војски протерани од Мали и Буркина Фасо. Дилемата е – што ќе направи Русија? Бидејќи, за разлика од европските, рацете на Русија не се врзани. Неколку часа по пучот се појавија коментари за нејзината улога. Почна да кружи гласовна порака од Пригожин, со која се поздравува одлуката на Нигер да ја земе својата судбина во свои раце. На улиците се појавија руски знамиња, за кои граѓаните тврдеа дека самите ги нарачале, но кои се поврзани со активистичкото движење М62 формирано околу зголеменото присуство на Западот.
„Мислам дека Русија не е директно вмешана во пучот“, рече Улф Лесинг. „Но, Москва се обидува да предизвика проблеми со поттикнување дезинформации на социјалните мрежи со надеж дека подоцна ќе добие договор за ‘Вагнер’ да го расчисти нередот што помогна да се создаде“.
Во Чад, убиениот претседател Идрис Деби беше близок со Париз, а сега во кругот на неговиот син некои ја поддржуваат Русија: тие патуваат во Москва и барем еднаш се сретнале со основачот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин. Лесинг се сомнева и дека „Вагнер“ ќе влезе во Нигер поради две причини. Прво, владата нема пари. Второ, нема традиција и искуство во работењето со руската армија.

„Ова е различно од Мали, каде што генерации офицери беа обучени во Советскиот Сојуз и Русија“, посочува тој.
Меѓутоа, доколку Русија стапне во Нигер, тоа би било опасно за Европа, како земја централна во борбата против миграцијата долж медитеранската рута. Колку би било корисно „Вагнер“ да се вклучи во борбата против џихадистите во Нигер е исто така дискутабилно, судејќи според искуството во Мали, каде што замената на француската армија не помина добро: борците станаа само мета на регионалниот огранок на „Ал Каеда“. Русија не е семоќна на континент каде што само една третина од сите лидери одлучија да присуствуваат на самитот со претседателот Владимир Путин во Москва кон крајот на минатата недела.
Најважно за решавање на актуелната криза е, всушност, што ќе направи Заедницата на западноафриканските држави (ЕКОВАС), чиј дел е Нигер. Предводена од Нигерија, ЕКОВАС се закани со воена интервенција доколку Базум не биде вратен. Нигерија има 1.600 километри граница со Нигер, по која дејствуваат џихадистичките групи. Борбата против Боко Харам таму не се одвива без проблеми. Не е ниту познато колкава тежина може да има Абуџа, која се обидува да се врати како геополитички играч, но е ослабена од економската криза, народното незадоволство и сопствениот неуспех да се бори со џихадистите. Сепак, заедницата под покровителство на Нигерија се обидува да ја наметне перцепцијата дека овојпат нема да биде мека кон Нигер, како што беше со Мали и Буркина Фасо.
Нејаснотијата околу тоа дали ќе има воена интервенција ги подгрева гласините. Додека Чад (кој не е во ЕКОВАС) се обидува да игра посредничка улога, а неговиот претседател Идрис Деби го посетува Нигер за да се сретне и со хунтата и со Базум, руските канали поврзани со „Вагнер“ упорно ја шират веста дека интервенцијата на ЕКОВАС ќе се одвива токму преку Чад. Закана за стабилноста на континентот доаѓа од предупредувањето дека воената интервенција на ЕКОВАС во Нигер, исто така, ќе се смета за објава на војна на Мали и Буркина Фасо. На нивниот блок практично му се придружи Гвинеја, другата земја-пучист кој ги осуди санкциите против Нигер.
„Мали, Буркина Фасо и Гвинеја сега формираат оска блиску до Русија“, рече Улф Лесинг. „Лидерите на Мали и Буркина Фасо штотуку разговараа со Путин во Санкт Петербург и се чини дека се согласија да ги повикаат пучистите во Нигер во својот нов сојуз“.
Според него, ЕКОВАС е најдоброто на кое Западот може да се обложи во потрага по решение, но опциите се ограничени. Ако единица во армијата на Нигер не поддржи интервенција, ЕКОВАС не може ни да започне воена акција. (Дневник. бг)