Прво судење во новата дигитална судница во рамки на КПУ „Идризово“


 

Во новоотворената, дигитална судница во КПУ Идризово, денеска се одржа првата главна расправа за предмет од одделот за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје.

Како што објави Основен кривичен суд Скопје на својата веб страна, станува збор за притворски предмет против четворица обвинети лица за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ за кој предмет досега, расправите се одржуваа во зградата на судот.

Новата дигитална судница е изградена според светските безбедносни стандари со посебни влезови за судечкиот совет, странките, јавноста , како и спровод на притворените лица со целосно почитвање на нивните Уставно загрантирани права. Ваквиот начин покрај тоа што овозможува поголема непристрасност во постапувањето на судот, ќе допринесе и во економичноста на постапката со намалување на трошоците за транспорт и обезбедување на притворени лица, од притворското одделени до зградата на Кривичниот суд.

Судницата е опремена со најсовремена опрема за аудио – визилно снимање на расправите, како и опрема за репродукција на доказен материјал, која ќе биде користена во понатамошниот тек на судскиот процес, а воедно располага и со опрема за сослушување на загрозен сведок со содветна заштита на неговиот идентитет и сослушување на странки на одалеченост односно без нивно физичко присуство.

За сите наредни главни расправи кои ќе се одржуваат во новоотворената дигитална судница, Кривичниот суд ќе известува преку календарот за судење достапен на веб страната на судот.