Прво рочиште за мачењето на кучето Феликс, од „Анима Мунди“ бараат најстроги казни
Рочиштето следува по објавувањето на вознемирувачката видеоснимка од мачењето на кучето во Момин Поток, а по што Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава

За денес е закажано првото рочиште од судењето против лицето кое го удираше бездомното куче Феликс што почина неколку недели подоцна.
Рочиштето следува по објавувањето на вознемирувачката видеоснимка од мачењето на кучето во Момин Поток, а по што Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава.
Според обвинението, двајцата соизвршители на 19 ноември 2024 година го изложиле на непотребни маки и му нанеле непотребни болки, изложувајќи го на страдање кучето Феликс – мажјак, црна боја, на возраст околу една година.
Првообвинетитот со тврд предмет во облик на стап и без оправдана причина започнал да го удира со повеќе удари кучето во пределот на главата и телото, нанесувајќи му тешки повреди.
Потоа, заедно со второобвинетиот го врзале со жица и така врзано го влечеле по дворот до контејнер, каде го фрлиле мислејќи дека кучето е мртво.
Феликс почина како последица на повредите на 7 јануари годинава.
Од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ излегоа со реакција еден ден пред почетокот на судењето.
„Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано, најкрвнички и со сета сила, без кој било да интервенира додека кучето урлика од болка и не можејќи да избега или се спаси; но затоа асистенти кога требаше околу врат да се врзе со метална жица, влече и фрли како ѓубре. Соучесници. И ова немаше да го видиме, ова немаше да го дознаеме да не беше снимено“, велат од Анима Мунди.
Од таму додаваат дека „молкот ги охрабрува и помага сторителите, никогаш оној кој е жртва“.
Анима Мунди повикува на собир пред Основниот суд Скопје, утре со почеток во 9:30 часот. Од ова здружение бараат најстроги казни за мачење и убиство на животните.
„Ние одбиваме да тонеме во насилство и неказнивост, без изгледи за напредок, сигурност, владеење на правото, правда. Ве повикуваме на 26.02. (среда) 09:30, часот пред Основен Суд, Скопје. Во име на Феликс и во име на сите останати како него, бараме најстроги казни за мачење и убиство на животните. Без олеснителни околности и мерки, за затворски казни за мачење и убивање на животно“, се вели во соопштението на Анима Мунди.