Прво место за Александар Ефтимовски на биенале на скулптура во Шпанија


Академскиот скулптор Александар Ефтимовски го освои првото место за делото со наслов „Испреплетено” на петтото издание на Биеналето на скулптура во местото О Грове во Шпанија, во конкуренција од 33 интернационални скулптори.

Ефтимовски во периодот на неговиот престој во О Ггрове изработи скулптура во гранит, која ќе биде трајно поставена во градот.

Ова не е прва награда што Ефтимовски ја освоил во Шпанија. Во 2014 тој го освои второто место на Симпозиумот на скулптура во Гилена, каде исто така изработи скулптура во камен со големи димензии.

Оваа година Ефтимовски го претстави својот авторски израз учествувајки на фестивали и симпозиуми во Луксембург, САД, Франција и секако Шпанија, каде што изработи скулптури во голем формат.

Александар Ефтимовски е визуелен уметник од областа на скулптурата. Тој во неговото творештво како основен материјал за изразување го користи каменот во сите негови бои, структури, цврстини.

Ефтимовски своето ликовно знаење го стекна на Академиите за уметност во Фиренца и Карара каде магистрираше во 2013. Во годините што следеа тој учествуваше на голем број фестивали и симпозиуми на скулптура, како и во голем број групни изложби на повеке континенти.