Првите разговори преку „ОНЕ Македонија“ за една година, АЕК ја врачи лиценцата за трет мобилен оператор


(Фото: Независен.мк)

„Тука сме за да останеме“, со оваа порака претставниците на „ОНЕ Македонија“, третиот мобилен оператор во земјава кому денеска во АЕК му беше доделена лиценцата за работа, ги најавија амбициозните планови, кои вклучуваат првата понуда за граѓаните да биде најдоцна во првиот квартал од идната година, како и двоцифрено учество на пазарот во првите пет години од работењето.

На прес конференцијата во Агенцијата за електронски комуникации, „ОНЕ Македонија“ доби лиценца за 5Г-радиофреквенциски спектар и официјално ќе работи како трет мобилен оператор во државата. Првично, како што беше најавено, ќе почне да работи на територијата на Скопје, а потоа и во другите поголеми градови во земјава и вдолж автопатиштата. За таа цел „ОНЕ Македонија“ ќе гради сопствена мрежа, но додека не биде целосно изградена, ќе ја користи и мрежата на постојните два оператора, што е регулирано и во постојните законски прописи за таканаречен национален роаминг.

Директорот на АЕК, Јетон Акику, ги врачи трите одобренија што се доделуваа со тендерот на Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ, Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „Оне Македонија“, и на Габор Алтман, заменик-извршен директор во компанијата.

Тој рече дека со доделувањето на лиценцата за трет мобилен оператор во земјава, практично ќе бидат надминати забелешките во извештаите на Европската комисија дека во земјава нема конкуренција на пазарот на мобилни оператори.

Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „ОНЕ Македонија“ и директор за мобилна стратегија во 4iG Групацијата, ја нагласи пошироката визија зад влезот на компанијата на овој пазар:

„Ова не е само лансирање на уште една телекомуникациска компанија. За нас, влегувањето во Северна Македонија претставува стратешко проширување на нашето присуство низ целиот Западен Балкан, регион кој е клучен за нашиот долгорочен раст. Северна Македонија игра важна улога во нашите пошироки амбиции за дигитална инфраструктура. Проектот за подморски кабел Албанија-Египет и поврзаниот проект „Балкански столб“, кој е поддржан од Европската комисија, отвора нов стратешки дигитален коридор помеѓу Европа и Африка. Географската и стратешката положба на Северна Македонија природно ја прави точка за проширување за оваа инфраструктура, зајакнувајќи ја релевантноста на земјата во регионалната и континенталната поврзаност на податоци. Оваа земја ќе служи како клучен јазол во регионалниот екосистем на податоци“.

Тој додаде дека како земја-членка на НАТО, Северна Македонија е релевантна не само економски, туку и геополитички.

„Нашите проширувачки одбранбени и сателитски капацитети наоѓаат силна основа тука, а со градење на робусно, безбедно телекомуникациско присуство, поставуваме темели за поширока соработка во критичните технологии. Ова е ретка можност да се изгради национален оператор од нула, со најнапредни алатки, но исто така и да се обликува корпоративна култура насочена кон потрошувачите, агилна и транспарентна од првиот ден“, изјави Заранди.

Заранди посочи дека очекува сериозен удел на пазарот, како и дека со спроведениот трансперентен и структуриран процес на тендерот се испраќа јасен сигнал дека Македонија е посветена на фер конкуренција, долгорочни инвестиции и развој на доверливи дигатални инфаструктури.

Тој најави дека ќе имаат нивна автономна мрежа и оти нема да зависат од другите за што ќе ангажираат експерти што ќе прават истражувања на пазарот како најдобро да се позиционираат.

„За да бидеме целосно независни, тоа бара време и затоа ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти за т.н. национален роаминг. Првично ќе ја лансираме мрежата во Скопје, а потоа и на територијата на цела Македонија – рече Заранди најавувајќи дека ќе имаат договор со „Ериксон“ и ќе се придржуваат до законите на државата за користење безбедна мрежа.

Компанијата планира да инвестира до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, вклучително и во инфраструктура, отворање нови работни места, обуки, како и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.

„Ние не влегуваме на пазарот само за да се натпреваруваме, туку за да дадеме конкретен придонес. „ОНЕ Македонија“ претставува нов почеток за телекомуникациите во земјата. Без наследена инфраструктура, имаме можност работите да ги поставиме поинаку, односно поефикасно, побрзо и побезбедно. Нашата визија е да станеме доверлив дигитален столб на Северна Македонија, инклузивен, безбеден и отпорен. Оваа лиценца е нашата почетна точка, но вистинската работа започнува сега“, изјави Брано Ѓуровиќ, извршен директор на „ОНЕ Македонија“.

Со почетна инвестиција за лиценцата, повеќе од 8 милиони евра, „ОНЕ Македонија“ ја потврдува својата посветеност на долгорочен развој и градење локални партнерства, целосно усогласени со безбедносните и регулаторните рамки на Европска Унија. Компанијата работи врз принципи на транспарентност, иновации и заштита на јавниот интерес, со цел да ја поддржи дигиталната трансформација на државата и да создаде трајна вредност за граѓаните, институциите и економијата.

Игор Бојаџиев, претставник на Агенцијата за електронски комуникации, соопшти дека „Оне Македонија“ на 14 јануари го уплатил еднократниот надомст во износ од 8.020.003 евра, со што ги исполни сите услови да ги добие трите одобренија.

Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

(Фото: Независен.мк)

Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година, официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4иГ ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.

На 22 април 2025 година Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултира со писмa за искажување интерес од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим мобиле“ ДООЕЛ Скопје и од „Е&ппф телеком груп Б. В“., а на 19 јули 2025 година донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.

Единствен квалификуван понудувач на тендерот беше „Оне Македонија телекомуникации“, а одлуката за избор на најповолен понудувач на тендерот беше донесена на 12 јануари годинава.