Прва изјава на новиот гувернер на централната банка на Турција: Ќе водиме политика за намалување на инфлацијата


Новиот гувернер на турската централна банка, Сахап Кавчиоглу, денес во својата прва изјава откако беше назначен, објави дека монетарната власт ќе продолжи да го трасира патот за континуирано намалување на инфлацијата, што во најголем дел беше двоцифрено во последните четири години.
Кавчиоглу вечерва ќе разговара со извршните директори на трговските банки, еден ден по ненадејната промена во централната банка на Турција, а инвеститорите предвидуваат брзо намалување на каматните стапки и распродажба на лирата, објави Ројтерс повикувајќи се на два неименувани извори.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неочекувано го отпушти поранешниот шеф на централната банка Наџи Агбал во саботата наутро, два дена по наглиот пораст на основните каматни стапки, и го назначи Кавчиоглу, кој, како и претседателот на земјата, е отворен критичар на строгата монетарна политика.

Ова е трет пат од средината на 2019 година Ердоган да го отпушти шефот на централната банка, повторно поради закана за заострување на монетарната политика, велат аналитичарите, пренесува британската агенција.

Агбал беше назначен за гувернер на централната банка пред само пет месеци, на почетокот на ноември 2020 година.