Прва историска турнеја на Филхармонија во Израел
Филхармонија во периодот од 1 до 6 октомври за првпат ќе гостува во Израел, земјата во која се прелеваат музичките влијанија од целиот свет.
-Меѓународните претставувања од секогаш биле важен сегмент од историскиот континуитет на нашата институција која годинава слави 75 години од основањето, тие се важен сегмент од растот и развојот на нашиот оркестар кој секогаш на достоен начин ја претставувал нашата земја ширум светот. Така беше и на последната турнеја која ја реализиравме во Кина, очекуваме со ист жар, интензитет и врвна изведба да се претставиме и во Израел – вели Виктор Илиески, директор на Филхармонија
Пред израелската публика Филхармонија ќе се претстави со три концерти – во градовите Ерусалим, Ришон Ле Цион и Од Хашарон. Оркестарот на филхармонија ќе настапи на две фантастични сцени – во Ерусалим во познатата сала „Хенри Краун“, матична сцена на Ерусалим симфони оркестра и во Ришон Ле Цион во близина на Тел Авив на матичната сала на Израелскиот симфонски оркестар.
-Ќе имаме уште еден концерт на отворено во градот Од Хашарон, очекуваме одлични концерти во трите града – вели Илиески.
Концертите ќе ги води маестро Јерухам Шаровски со кого Филхармонија има одлична соработка, а како солистка ќе настапи виртуозната израелска виолончелистка Даниеле Акта.
-Невообичаен беше начинот на кој ја договоривме оваа турнеја, за релативно кусо време успеавме да ги договориме трите концерти на Филхармонија во Израел. Тоа е толку нетипично за мојата земја во која неколку години однапред се договараат сите гостувања. Но моето искуство говори дека најдобрите гостувања се реализирале токму на истиот начин како што ја договоривме оваа турнеја – вели маестро Јерухам Шаровски.
Тој нагласи дека постојат две причини за оваа соработка.
-Постои голема почит кон вашата земја и оркестар од страна на нашите музички институции зошто станува збор за релативно млад оркестар кој има одличен звук, кој можеби ја нема техничката прецизност на германските оркестри и големиот буџет на американските, но затоа поседува трпеливост, искреност и верба. Сум диригирал со повеќе од шеесетина оркестри од целиот свет и можам да кажам дека вашата филхармонија е посебна, има одлични гудачи и дувачи кои можат да свират во било кој светски оркестар – вели маестро Шаровски.
Исклучителната израелска виолончелистка Даниеле Акта со оркестарот на Филхармонија ќе го изведе Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар.
-Даниеле Акта е чудо од дете, ја познавам уште од мала, иако и сега има само 17 години, а зад себе има исклучителна солистичка кариера и настапи со најдобрите оркестри во светот. Неодамна и’ беше доделен на користење исклучителен инструмент „Страдивадиус“ кој чини три милиони евра. За жал на овој инструмент нема да свири во Израел, но со него ќе дојде на концертот во Скопје, па вашата публика ќе има исклучителна можност да ја чуе нејзината изведба на овој посебен и редок инструмент – вели Шаровски.
Пред публиката во Израел, оркестарот на Филхармонија ќе се претстави со два различни програмски концепти.
-На програмата на оркестарот се „Тешкото“ од Глигор Смокварски, Симфонијата бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак и Концертот за виолончело и оркестар од Едвард Елгар. На концертот на отворено во Од Хашарон оркестарот ќе ја изведе Увертирата „1812“ од П. И. Чајковски, како и „Руслан и Људмила“ од Глинка и „Кол Нидреи“ за виолончело и оркестар од Макс Брух – вели продуцентката Роза Нолчева.
На концертната турнеја, оркестарот ќе биде придружуван од делегација од Министерството за култура на Северна Република Македонија предводена од Министерот за култура г-дин Хусни Исмаили.Турнејата е финансирана од Министерството за култура на РСМ, а се реализира со поддршка на Амбасадата на Р. Северна Македонија во Израел, и со особено залагање на почесниот конзул Шломо Грацијани.
Излезе првиот број на мини магазинот за класична музика
Со големо задоволство го најавуваме првиот број на мини магазинот во издание на Филхармонија кој ќе излегува еднаш во три месеци. Преку овој магазин, нашата публика ќе може да се информира за настаните кои се составен дел од новата концертна сезона „Моја бесмртна љубов“.
Магазинот ја надополнува концертната промоција на нашата програма преку кратки интервјуа со уметниците кои ќе настапат оркестарот, како и информации за композиторите и делата кои ќе бидат изведени.
Во првиот број се поместени интервјуа со диригентот Антони Вит, виолончелистот Николас Алштед, контрабасистот Рено Гарсија Фонс и виолинистот Вадим Глузман.
Магазинот визуелно се инспирира од комплетно новиот дизајн на сите печатени материјали на Филхармонија – каталог, постери, програма за концерти кои се идејно решение на дизајнерот Горан Златевски.
Бесплатни примероци од магазинот ќе има во нашата институција, но и по градските кафулиња, ресторани, туристички агенции, хотели…