Прва груминг академија во државата – заштитата на кучето е најважна


 Грумингот кај нас е дефицитарна струка. Иако, официјални бројки нема, во државава има околу 20 фризерски салони за кучиња. Согласно официјалната статистика на Агенцијата за храна и ветеринарство, во земјава има нешто повеќе од 70 илјади чипирани кучиња, меѓутоа, и покрај тоа што е казниво, голем е бројот и на кучиња кои не се чипирани. Според овие бројки, по правило би требало да има 200 фризерски салони за кучиња и приближно 300 грумери.

До пред некое време кај нас немаше обуки за грумери, а од минатиот месец во Скопје е отворена првата Академија за груминг, која спроведува обуки од стручни фризерски вештини за миленици со ножички и машинка, сè до солидно разбирање на деловни, комуникациски и маркетинг вештини.

Една од причините поради која се наметнува потребата од обуки за грумери е и фактот, за кој ретко се говори, а тоа е дека многу кучиња секојдневно се повредувани при груминг третман и кои најчесто завршуваат на ветеринарен доктор. Најчести повреди се со ножици во пределот кај очите, потоа пресечено уво, или пак на заплеткано куче при стрижење да му се одвои голем дел од кожата. Кучињата во најголем дел после груминг третманите се истрауматизирани. Дури има и случаи кога кучиња умреле од седативи кај грумер.

Во разговорот на МИА со Илија Петковски, првиот човек на Академијата и сопственик на груминг салонот ТУТУ во Скопје, откривме дека повеќето грумери во земјава се обучуваат на Интернет – гледаат видеа на Јутјуб и се „снаоѓаат“ за опремување на салоните, затоа што досега немало ни официјална продажба на груминг опрема.

Груминг академијата започна со обуките овој месец, меѓутоа континуирано секој месец има уписи за нови слушатели.

Обуката во Академијата трае околу два и пол месеци и опфаќа теоретски и практичен дел. Во теоретскиот дел спаѓа преглед на раси на кучиња и на типовите палта, потоа вовед во капење, чистење уши, очи, шепи и нега на интима, техники на сушење и четкање, создавање чиста и безбедна работна средина, суштинска прва помош и итен случај, структура на нокти и нивно правилно сечење, вовед во чешлање кучиња и опрема за чешлање, употреба на машинки и сечила и нивно одржување, креирање на сопствен бизнис план, градење бренд, креирање профили на социјалните мрежи и обука за правилно користење.

Академијата соработува со еден од најголемите ветеринарни центри во земјава, а ветеринарот Димче Велковски доаѓа и им држи предавање на луѓето како да постапат во случај на повреда што грумерите ја предизвикале кај кучето, меѓутоа и како да се избегне тоа да се случи.

Во другиот дел – практичниот, слушателот ќе треба да ги покаже стекнатите вештини од обуката и тој практично ќе го стрижи кучето и ќе му објаснува на обучувачот што прави и зошто го прави во дадениот момент. Практичниот дел ќе се работи во груминг салонот ТУТУ во Центар со пет кучиња кои ќе се земаат од социјални групи на граѓани кои не можат да си дозволат груминг третман на кучето.

Ð �а крајот од обуката се очекува веќе да биде отворен новиот салон на грумерот кој се обучува и истиот да биде опремен, па последните обуки ќе се прават во неговиот салон.

Најважна е превенцијата и заштитата на кучето, голем проблем создава тоа што занимањето не е регулирано

Еден од најважните сегменти за Академијата, како што вели Петковски во разговорот за МИА, е заштитата на кучето.

– Денеска буквално никој не е обучен да знае како да даде прва помош при повреда на куче. Во разговори со ветеринарни доктори дознаваме дека има многу кучиња кои се повредени секој ден од груминг и кои одат на ветеринарен доктор. Најчести повреди се со ножици во пределот кај очите, потоа пресечено уво, или пак на заплеткано куче при стрижење да му се одвои голем дел од кожата, појаснува Петковски.

Според нивните сознанија, кучињата во најголем дел после груминг третманите се истрауматизирани. Петковски вели во одредени салони се случува кучињата да бидат тепани, под седација, да ги врзуваат, па дури некои им ставаат штипки на ушите и буквално ги „закачуваат“.

– И кога ќе дојде такво куче потоа на третман, или покажува агресија или покажува невиден страв. Многу е интересно за нас да се работи со тие кучиња бидејќи треба да му влезеш во психологија и секако на првата сеанса нема да успееш. Меѓутоа, сопственикот знае дека фризурата нема да биде најдобра, но тоа е сосема секундарно, важно е во почеток да ја добиеме довербата на кучето во целиот процес. Треба да изнајдеш начин да го убедиш кучето дека нема да му се случи повторно тоа низ коешто поминало и да сфати дека не е болно. И пристапот е многу важен, ако го доисплашиш, веќе и изгубена работата. Но, и сопственикот е тука одговорен. Важно е на кого го доверуваат кучето, вели Петковски.

Во оваа струка, посочува Петковски, треба да видиш, за да веруваш, бидејќи, како што вели, навистина се и сешто прават.

– Ги чуваат одзади во кафези, им даваат седативи. Седативот треба да делува некои 20 минути до половина час, да го истрижи и потоа да се отрезни кучето и да му го врати на сопственикот. Оваа година имавме двајца нови клиенти чии кучиња умреле од седативи кај грумер. Но, тоа на пример никаде не го пишува и никој не го кажува. Има многу ветеринари, особено поголеми амбуланти, каде им доаѓаат кучиња во фаза на труење, каде мора да му го испере желудникот итн., затоа што седативот е и отров. АХВ го регулира тоа и се знае дека седативот е пред оперативен зафат и се дава само и единствено во протокол пред операција. Не може да се даде за фризура!, нагласува Петковски.

Додава дека грумерот ниту знае да го дозира седативот, но и да знае да го дозира според килажата, не знае дали кучето е во добра кондиција, како му е срцето, колку е старо, бидејќи тука има многу параметри.

– Денес не постои занимањето и ние кога го отворавме салонот на почетокот, се јавивме во АХВ да кажеме дека отвораме салон за груминг и ги прашавме кој е протоколот. Тие ни велат нема, но и нема ни да дојдеме затоа што вие не сте регистрирани кај нас, не постоите за нас. Работите со животни, можете да бидете извор на зарази, можете да бидете извор на повреди, може што било да се случува кај вас, а никој не може да го знае тоа, посочува Петковски.

Занимањето – негувател на кучиња, грумер, фризер за кучиња сè уште не постои, па затоа, моменталниот сертификат што ќе го издава Академијата е интерен сертификат и нема обврзувачки карактер.

– Работиме со повеќе министерства во формулација на занимањето, бидејќи занимањето моментално не е дефинирано и не е стандардизирано. Прво треба да има занимање, тоа ќе биде насловено „стилист за миленици“, ќе биде опишано целото занимање, па потоа ќе оди на различни комисии, проверки, заверки итн. Откако ќе се усвои дека постои тоа занимање потоа ние ќе аплицираме да добиеме лиценца за да бидеме официјални обучувачи со грбот на Република Северна Македонија по овој стандард, вели Петковски.

Транспарентноста во целиот процес на стрижење на кучето е многу важна

Петковски смета дека сопственикот во секој момент треба да има увид додека трае груминг третманот на неговото куче.

– Во дел од салоните сопственикот нема увид на своето куче во ниеден момент од постапката. Дури и правото да го стави на масичка му е одземено. Во поглед на психологијата на кучето, многу е важен моментот на разделбата и моментот на довербата, посочува Петковски.

Кучето, според него не треба да „чека ред“, туку треба веднаш да се почне со неговиот третман.

– Ние работиме на излог, сопствениците си доаѓаат и излегуваат кога сакаат. Не велам дека треба тој начин на работа да се наметне, но сепак има разни начини како да ја задржат довербата кај сопственикот и веќе ако чека, да знае неговото куче во кои услови чека. Тоа е цела линија на доверба и на стандард на однесување во поглед на хигиената на заразни болести или трауми, смета Петковски.

За оние кои веќе имаат груминг салон, Петковски вели дека тие веќе практичниот дел го имаат совладано, меѓутоа смета дека и за нив, доколку сакаат има два до три модули од обуката што би им биле од корист.

– Зборувам за прва помош и заштита, тоа е навистина нешто што мора да се совлада. Хигиената исто така, протоколи за хигиена дека не треба да се мешаат кучиња и мачиња во ист простор итн., вели Петковски.

Од груминг во просек илјада евра е чиста заработка

Во Скопје има повеќе грумери, но во другите градови нивниот број е многу мал. Петковски вели дека има и градови каде нема ниту еден, а онаму каде ги има, ги работат во склоп на ветеринарна амбуланта или пет шоп. Ова, вели Петковски, е занимање каде можеш да си заработуваш за себе и да немаш потреба да работиш друго нешто.

– Во просек илјада евра има чиста заработка месечно од груминг салон. Кај нас во просек 20 евра е стрижење на куче. Во ТУТУ, 35 евра е за клиенти кои доаѓаат првпат, но да речеме 20 евра е онаа средна цена кај 90 проценти од салоните. На ден да истретираш три кучиња тоа се 60 евра дневно или за 20 работни денови 1200 евра. Зборуваме за три кучиња на ден што е навистина малку. За големи кучиња кај нас се плаќа 50 евра, а во другите салони е околу 2 000 денари, додава Петковски.

Стрижење на куче под 10 килограми е 1 500 денари за редовни клиенти. Редовните клиенти на крајот од третманот, како што вели Петковски, си закажуваат нов третман.

– Ние работиме буквално да нема ставање кучиња во кафези, туку штом дојде кучето, доколку терминот е во 9 часот, во 10 за 9 веќе е спремна и дезинфицирана масичката. Ние веќе знаеме кој ни доаѓа и како се вика кучето. Си доаѓа, сопственикот го става на масичка, разговараме околу фризурата, го галиме, и тоа е момент на манипулација на кучето заедно со сопственикот за да се присети каде е. Кај нас обично за час и половина кучето е „дотерано“, заклучи Петковски.