Прв унифициран национален ESG прашалник за компаниите започнува со примена
Преку ESG Комисијата при Македонската Банкарска Асоцијација, со решение од Македонско Кредитно Биро, изработен е првиот унифициран национален ESG Прашалник наменет за сите компании во земјава, кој ќе се применува од утре, 01.04.2026 година, сооптија од МБА.
(ESG е кратенка за Environmental, Social, and Governance – eколошки, социјални и управувачки аспекти. Тоа е рамка што ја користат инвеститорите и бизнисите за мерење на одржливоста, етичкото влијание и управувањето со ризиците на компанијата надвор од традиционалните финансиски метрики, заб.).
Од МБА објаснуваат дека овој Прашалник претставува значаен чекор кон усогласување со современите стандарди за одржливост и унапредување на транспарентноста во деловното работење. Неговата цел е да обезбеди поедноставен, структуриран и ефикасен процес за прибирање и споделување на ESG информации со банките, со што се овозможува подобра проценка на ризиците, поддршка на одржлив раст и олеснет пристап до финансии.
Клучни карактеристики на Прашалникот се: единствен и стандардизиран модел применлив за сите банки; еднократно, годишно пополнување од страна на компаниите; користење на онлајн платформа за доставување и обработка на податоци; поттикнување на доверба, транспарентност и одржливи деловни практики.
Со воведувањето на овој национален инструмент, деловната заедница прави значаен исчекор кон подобро управување со ESG аспектите и нивно интегрирање во секојдневното работење, велат од МБА.
Прашалникот е целосно подготвен за примена и ќе се користи усогласено од страна на сите банки, што претставува важен придонес кон унапредување на одржливото финансирање и зголемување на квалитетот и усогласеноста во финансискиот систем во земјата, се вели во соопштението до медиумите.