Прв пат отворена критика за инвазијата на руската државна телевизија

Двајца гости во ток шоуто на Владимир Соловјев (санкциониран од ЕУ) изјавија дека бруталниот конфликт во Украина е „полош од Авганистан“


Соборен руски авион „Су-25“ во Украина

 

Војната на Путин против слободата на изразување во Русија се чинеше дека се распаѓа во четвртокот, откако гостите на телевизијата поддржана од Кремљ ѝ пркосеа на Москва и отворено го критикуваа бруталниот конфликт во Украина, нарекувајќи ја инвазијата „уште полоша од Авганистан“.

„Дејли мејл“ пишува дека гостите одбија да го поддржат наративот на Путин што го туркаа телевизиските водители дека Русија спроведува „специјална операција“ за „демилитаризација“ и „денацификација“ на Украина – тврдењата кои Киев и нејзините партнери на Запад ги отфрлија како неосновани изговори.

Еден од гостите што се појави во едно од најгледаните ток-шоуа на телевизијата Русија 1 „Вечер со Владимир Соловјев“ се побуни осврнувајќи се на катастрофалната инвазија на СССР во Авганистан во 1979 година, која заврши со повлекување десет години подоцна.

Историчарите тврдат дека неуспехот на Москва во таа војна, во која беа убиени илјадници војници на Црвената армија, поттикна разочарување кај милиони луѓе во Советскиот Сојуз и на крајот помогна да се доведе до колапс на „Злобната империја“ во 1991 година.

„Главниот пропагандист“ на Путин Владимир Соловјев, кој е санкциониран од ЕУ, беше принуден да го прекине Семјонд Багдасаров откако академикот му рече: „Дали треба да влеземе во друг Авганистан, но уште полош?“. Тој рече дека во Украина „има повеќе луѓе и тие се понапредни во ракувањето со оружјето“, пред да додаде: „Тоа не ни треба. Веќе е доволно.’

Говорејќи за време на преносот на Русија 1 претходно, Карен Шахназаров, филмски режисер и државен експерт, рече дека конфликтот во Украина ризикува да ја изолира Русија.

Тој му рече на Соловјев: „Тешко ми е да замислам да заземам градови како Киев. Не можам да замислам како би изгледало тоа“. Режисерот продолжи да бара крај на војната, изјавувајќи: „Ако оваа слика почне да се трансформира во апсолутна хуманитарна катастрофа, дури и нашите блиски сојузници како Кина и Индија ќе бидат принудени да се дистанцираат од нас.

„Ова јавно мислење, со кое тие го заситуваат целиот свет, може да биде лошо за нас… Крајот на оваа операција ќе ги стабилизира работите во земјата“.