Протести против Трамп во над илјада американски градови


Вашингтон вчера беше еден од симболите на отпорот. Илјадници луѓе се собраа на само неколку блока од Белата куќа, со транспаренти „Hands Off“ — рацете подалеку — што претставува не само повик до Трамп, туку до сета политика на економска и социјална деструкција.

Протестите, што се проширија низ над 1.000 американски градови и меѓународни престолнини како Париз, Рим и Лондон, се најмасовниот израз на незадоволство од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Тие не се само отпор кон една личност, туку реакција против моделот на агресивен национализам, дерегулација и неоконзервативна реставрација.

Пораките на демонстрантите – „Не е мојот претседател!“, „Фашизмот пристигна“, „Стоп за злото“ – се сведоштво за длабока политичка и морална поделеност. И додека американските институции ја играат својата долга игра, улицата станува гласот на оние кои сметаат дека демократијата е во криза.

Организацијата Indivisible предупреди дека Трамп, Маск и нивните сојузници „организираат сеопфатен напад врз нашата влада, нашата економија и нашите основни права“. Таквото предупредување е дел од поширока слика на глобално предизвикана несигурност и страв од авторитарна нормалност.

Додека говори од демократи како Џејми Раскин најавуваат отпор во институциите, Трамп продолжува со познатата реторика: „Моите политики никогаш нема да се променат“.