Протест во Гази Баба – никој не го сака Центарот за зависници во населба
Жителите на Гази Баба денеска протестираа против најавата за дислокација на Центарот за одвикнување од зависности од Кисела Вода, во општината кадешто живеат.
Тие ја блокираа и главната улица Перо Наков со транспаренти со кои бараат власта да се откаже од идејата центарот да се дислоцира во една од просториите на поранешната фабрика Металски завод Тито која се наоѓа во Маџари.
Според локалните жители центарот би преставувал опасност за нив и нивните деца.
„Ние не сме против изградба на ваков центар, но тоа треба да го направат на изолирано место, на некоја ливада, а не тука, среде населено место каде што има градинки и училишта. Овде ќе биде хаос. Се плашиме за нашиот и за животот на нашите деца” вели една жителка на Маџари.
Тие најавуваат радикализација на протестите ако локалната и централната власт не го послушала нивното барање.