Ќе се воведува еднонасочен сообраќај во Мичурин и во Стар Аеродром
Општина Аеродром отпочна со изработка на проект за нов сообраќаен режим во Мичурин и Стар Аеродром, кој ги опфаќа улиците „Владимир Комаров“ и „Симеон Кавракиров“, со поинаква организација на сообраќајот, воведување еднонасочни улици, нови паркинг-места и велосипедски патеки.
Со новиот режим ќе се овозможи подобро и поефикасно искористување на уличниот простор, со поорганизирано движење на возилата и создавање дополнителен простор за паркирање и велосипедскиот сообраќај, сметаат од општината.
Во Стар Аеродром се предвидуваат приближно 200 паркинг-места, додека во Мичурин се предвидуваат 215 нови паркинг-места.
Со воведувањето на ваков сообраќаен режим, просторот се збогатува со нови содржини и подобро се распределува меѓу различните учесници во сообраќајот – возачи, велосипедисти и пешаци.
Целта е да се создаде поорганизиран, пофункционален и побезбеден сообраќај, со повеќе можности за паркирање и подобри услови за велосипедскиот сообраќај.