Протест на студентите кои „сакаат промени, сакаат одговорност“ – утрово исплатени стипендиите


Фото: Б. Грданоски

Тоа што денеска беа исплатени стипендиите за студентите, не ги предомисли да го откажат протестот пред Министерството за образование и наука попладнево.

Со транспаренти на кои пишува „Сакаме промени, сакаме одговорност“ во голем број, студентите се собраа пред зградата на ресорното министерство за да го искажат своето незадоволство од доцнењето на исплатите на стипендиите, но и за доцнењето на реконструкцијата на студентските домови и проблемите со мерката студентски оброк, како и проблеми со комуникацијата меѓу одделенијата во Министерството.

Фото: Б. Грданоски

Организатор на протестот е Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кое соопшти дека студентите „го креваат гласот обединети“, затоа што имаат поддршка и од универзитетските студентски собранија на државните универзитети „Св. Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Мајка Тереза“, како и од приватните универзитети АУЕ-ФОН и Американ колеџ.

„Сакаме промени, сакаме одговорност” извикуваат студентите кои револтот го изразуваат со свирежи, транспаренти и “црвени картони”, собрани на булеварот пред МОН кој е затворен за сообраќај.

Претседателот на УСС на УКИМ  Александар Николовски изјави дека се револтирани поради неисплаќањето стипендии и други субвенции за студентите.

– Покажуваме црвен картон кон вработените во МОН и УСС се залага студентите во иднина да бидат слушнати и нивниот глас да биде уважен. Во фб-статусот на министерот Јетон Шаќири беше напишано дека се легнати средствата, но според ветувањето средствата требаше да бидат легнати првично на средината на јануари, па крај на јануари. И тоа е само за стипендиите. Покрај тоа, имавме средства за ретроактивно исплата, имавме мерка ваучери за превоз, како и проблеми со студентскиот оброк. Така што, овој револт е создаден поради ненавремената исплата на сите мерки и неодговорното работење на самата институција, изјави Николовски.

Со протестот студентите бараат поголема ефикасност на МОН поради ненавремена исплата на студентските стипендии, задоцнети исплати на ваучерите за превоз, доцнења со исплатите по склучувањето на спогодбите за ретроактивна исплата на стипендиите, проблеми со мерката субвенциониран студентски оброк, поради непочитување на утврдените рокови и, како што велат, проблеми во координираноста помеѓу одделенијата во Министерството.

Фото: Б. Грданоски

На протестот учествува и неформалната организација „Студентски отпор“ која претходно закажа протест пред МОН во 16 часот, но се придружи на иницијативата на УСС на УКИМ и на заеднички протест во 14 часот заради масовност и единственост во барањата. Како што соопшти, „само обединети и заедно можеме да се избориме за нашите студентски права“.

Од Министерството утрово соопштија дека стипендиите се исплатени, а истото го соопштија и од Владата, од каде велат дека „сите ученички и студентски стипендии се исплатени“. Исплатата се однесува на сите постојни корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година. Стипендиите се исплатени заклучно со јануари.

– Исплатата за новите корисници ќе се реализира во текот на неделата, со што сите средства кои им следуваат на сите категории ученици и студенти ќе им бидат целосно исплатени. 

Појаснуваат дека се посветени на унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, и за тоа доказ се сите преземени активности во изинатиот период како што се пред сѐ зголемувањето на износите на стипендиите кои се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, односно се со пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена – доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. Претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, а во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година.

Воедно, воведени се нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истите изнесуваат и до 18.000 денари месечно, за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата.

– Потсетуваме дека оваа Влада за првпат воведе субвенциониран оброк за студентите. Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк доделуваме финансиски средства на сите редовни студенти на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на нашата земја, тоа се 30.000 студенти кои добиваат вкупен месечен износ од околу 3.000 денари – додаваат од Владата.

Фото: Б. Грданоски

Дополнително, имајќи ја предвид економско енергетската криза, учениците и студентите беа предвидени во последниот пакет антикризни мерки. Обезбедена е финансиска поддршка за средношколци и ученици од семејства со месечни примања до 50.000 денари. 30.000 ученици од средно училиште месечно добиваат по 1.800 денари, или вкупно 10.800 денари од почетокот на мерката до завршување на училишната година, по ученик. Учениците од основното образование, пак, околу 75.000 студенти, добиваат по 1.200 денари месечно или 7.200 денари од почетокот на мерката до завршување на училишната година за ученик. 15.000 студенти од социјално ранливите семејства, добиваат ваучер за превоз од 600 денари до 1.200 денари месечно.