Протест на антиваксерите, се жалат на дискриминација поради мерките
Под мотото „Стоп за присилната вакцинација” вечерва во Скопје се одржа протест на граѓани кои го изразија своето незадоволство од најавените рестриктивни мерки кои треба да стапат на сила од утре, а со кои во угостителските објекти ќе можат да влезат само вакцинираните и оние кои прележале ковид-19 изминатиот месец ипол.
“Според присутните на протестот, со новите мерки им се ускратува слободата, се кршат човековите права и се дискриминираат оние граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.
– Сите имате избор, бидете слободни, бидете дел од народот. Се кршат човековите права, ова е битка помеѓу злото и доброто, рекоа присутните.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на Фејсбук објави коментар по вечерашниот протест, оценувајќи дека протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките што ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата е единствен начин да се бориме против вирусот, напиша Филипче.
Тој наведува дека на многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара сертификат за влез на масовни настани и во угостителски објекти и дека тоа никој не го смета за дискриминација, туку за одговорност и заштита на јавното здравје. Тој наведе дека вакцината останува доброволна.
Меѓу демонстрантите можеа да се забележат лица со маички со мотиви од опозициските партии, а дел од нив од говорницата порачаа дека власта ги продала државата и историјата, а можеа да се чујат и обвинувања на сметка на НАТО и Европската унија.
Следуваа пцовки упатени кон министерот за здравство Венко Филипче, а протестниот марш беше обоен со знамето на Вергина, кое беше главно обележје и на движењето „Бојкотирам“, во кое активно пристапија членовите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Токму овие две партии беа и најгласни критичари на новите мерки кои стапуваат на сила утре, а чија цел е зајакната борба со смртоносниот вирус. Оттука се наметна и прашањето дали двете партии стојат зад протестите на т.н. антиваксери, со оглед на фактот што и од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица порачаа дека мерките не се демократски, иако истите веќе се применуваат во западниот демократски свет, но и пошироко.