Протече снимка од состанок на Фидес зад затворени врати: Орбан подготвен да се врати на власт!


Виктор Орбан

Во унгарските медиуми се појави аудио снимка од состанок на сменетиот премиер Виктор Орбан со сопартијците на кој предвидува брз пад на владата на Петер Маѓар и, што е поинтересно, ги објаснува причините како неговата партија доживеа катастрофален пораз на изборите. Во еден момент Орбан вели дека  не победиле бидејќи „не знаеле како да победат без економски раст“ давајќи задача сега „да се погребаат мртвите“ (тие што придонеле за тоа) и да се згрижат ранетите – меѓу кои многумина од неговата квази медиумска и квази невладина и фондациска мрежа што го одржуваа пропагандата на ФИДЕС и кои сега според него финансиски и професионално пропаднале. Тој и натаму верува дека ФИДЕС е единствената организирана политичка сила во Унгарија коже може да биде лидер на „национален отпор“. Еве го изворно обраќањето на Орбан кое содржи иновативни описи и ја покажува „воената“ организација на партијата :

„Брифингот во Кетче започна со еден посебен вид на проценка. Орбан рече дека побарал од организаторите да ги поканат истите луѓе како и претходната година.

-На тој начин можеме да го видиме обемот на кадровските загуби. И можам да известам дека загубата на кадар е помала отколку што кој било очекуваше. Проценуваме дека таа изнесува меѓу 5 и 10 проценти. Со други зборови, 90 проценти од оние што беа тука минатата година, повторно се тука денес, проценува Орбан.

Тој потоа понуди насоки за тоа како да се справат со изборниот пораз:

-Прво, мора да се погребат мртвите – бидејќи таква е природата на земјотресот; ова е пораз сличен на земјотрес и мораме да постапуваме како што постапуваме по земјотрес. Мртвите мора да се погребат. Оние што се буквално мртви мора буквално да се погребат, додека оние што нè предадоа мора да се погребат длабоко во нашите души. Штом тоа ќе се заврши – а станува збор за болни загуби, бидејќи секој погреб е болен, но сепак мораме да поминеме низ тоа – тогаш мора да се згрижат ранетите. Тие мора да се извлечат од урнатините и да им се пружи помош. Откако тоа ќе се направи, мора да се процени штетата. Тоа е отприлика фазата во која се наоѓаме сега. А штом ќе се процени штетата, мора да се изготви план за иднината, рече Орбан.

Тој сакаше накратко да зборува за причините за изборниот пораз. 

-Во периодот од 2010 до 2024 година, гласачите ја поддржуваа нашата работа. Тоа не може да се доведува во прашање од денешна перспектива. Да ѝ се дозволи на Левицата да ги доведува во прашање нашите 16 години е политичка бесмислица. Тоа е глупост, самосаботажа и интелектуална несериозност, смета Орбан. Според него, задачата сега е да се утврди што било поинакво во периодот по 2024 година во споредба со претходните кампањи.

– Се зборуваше за ’живот во луксуз‘ дури и кога победувавме. Обвинувањата за раскошен начин на живот постоеја и кога победувавме. Се зборуваше за Симичка дури и кога победувавме. Победивме на изборите иако бевме напаѓани поради Месарош. Победивме на изборите додека наративот постојано се фокусираше на корупцијата. Сепак, победивме. Имаше дури и моменти – иако сепак победивме на изборите – кога се зборуваше дека премиерот е стар, дебел и уморен, дека ни треба некој млад, дека ни се потребни промени. Се соочивме и со тоа. Сепак, победивме. Значи, ако можевме да победиме и покрај тие работи, тогаш тоа не е причината поради која изгубивме. Тоа не се нужно добри работи – секако дека не се – но тие не се причината за нашиот пораз, оцени тој. 

Меѓу причините, тој посочи на голема меѓународна заговорничка шема: Причината за изборниот пораз е тоа што постоеше политичка загатка која не можевме да ја решиме. Загатката гласеше вака – како да се победи на избори по 16 години владеење против ривал кој никогаш претходно не владеел, во Европа и со домашна економија без раст, под уцени од Брисел, среде мешање на германските, француските и британските разузнавачки служби и наспроти мрежата на Сорос? Тоа беше загатката. Тоа беше она што требаше да го решиме.

Тој наведе и конкретна причина за поразот.

-Не знаевме како да победиме на избори без економски раст – во контекст на секојдневниот економски живот, без знаци на напредок и среде влошени услови за живот за значајни општествени групи. Не го најдовме одговорот. Затоа изгубивме.

Орбан зборуваше и за многуте аспекти во кои кампањата имала недостатоци. Нивната главна стратешка порака била „Живееме во време на опасност. Безбедноста има предност пред сè друго“. Самиот Орбан не го употреби тој термин, но овој пристапможе да се опише како ширење страв. Мнозинството гласачи, рече тој, не го прифатија овој одговор бидејќи одговорот на противникот им се видел попривлечен.

-Не успеавме да го најдеме вистинскиот одговор ниту на тактичко ниво, каде што тврдевме дека промената е опасна. Во меѓувреме, противникот докажа – или барем ги убеди луѓето, што можеби е поважно – дека промената е добра и претставува можност. Понатаму, не успеавме да ја најдеме вистинската комуникациска стратегија за опишаниот предизвик; наместо вообичаената кратка кампања, го испративме премиерот на долга турнеја низ земјата, но за жал, тоа не даде резултати.Исто така, не успеавме да го најдеме вистинското технолошко решение. Формиравме ’дигитални граѓански кругови‘, но нивната ефикасност беше далеку под онаа на дигиталните капацитети на противникот – така што не го најдовме ниту технолошкиот одговор. Накратко, причината за изборниот пораз е тоа што, во единствена и тешка политичка ситуација, не успеавме да го најдеме вистинскиот одговор на многу тежок предизвик – било да е тоа на стратешко, тактичко, комуникациско или технолошко ниво. Тоа е реалноста. Што произлегува од ова? Ќе ни треба нов тим за кампања за да го најдеме тој одговор.

Потоа, тој брзо го заокружи делот со самокритика со следниве зборови: Ако ги следиме дебатите за причините за поразот, можам да кажам дека сè што можеше да се каже, веќе е кажано. Но, ако сè е веќе кажано, тогаш зошто по ѓаволите толку многу зборуваме за изборниот пораз? Наместо да зборуваме за противникот – за неисполнетите ветувања на противникот, за слабите точки на противникот, за земјата, за моменталната ситуација и за она што претстои“.

Но, пред да почне да зборува за „Тиса“, тој се осврна и на младите луѓе што го отфрлија „Фидес“. Според Орбан, мора да се соочат со фактот дека на сцената стапи генерација – а во текот на следните четири години ќе се појави уште една четиригодишна – која не само што размислува поинаку од нив, туку и чие воспитување било сосема поинакво од нивното. За време на одморот, Орбан дури и читал англосаксонска литература на оваа тема. Суштината е дека денешните млади луѓе не пораснале со детство засновано на игра, туку на телефони; уште од најрана возраст, тие ги напуштиле традиционалните средини за човечки развој и воспитување – малите заедници – и се откажале од личната интеракција.

-Не е работата во тоа што овие млади луѓе размислуваат поинаку, туку, нивните мозоци се поинаку вмрежени. Тие сакаат системски промени – конкретно, две работи. Сакаат промени – што и да подразбира тоа – за светот да стане поправеден и похуман. А, ако политиката не успее да им понуди визија што го прави светот поправеден и похуман – при што ’похуман‘ подразбира подобар живот со помалку работа – тогаш играта е завршена, рече Орбан.  Според него, ниту една од нивните пораки не допрела до младите, „а лошата вест е дека бројот на луѓе од овој тип на следните избори ќе биде поголем отколку што беше овој пат“.

Проценка на штетата

Потоа, Орбан изнесе проценка на ситуацијата настапувајќи како воен командант, која воопшто не беше инспиративна. Тој ова го опиша како проверка на состојбата во десничарската структура на моќ, при што зборуваше за тоа како Тамаш Шуљок и некои од уставните судии го изневериле Фидес.

-Изградивме национален систем центриран околу суверената унгарска држава. Тој имаше одбранбени линии. Системот на власт претставува систем на одбранбени линии. Постои централна волја што отелотворува одредена намера, опкружена со одбранбени линии. Првата линија на одбрана на овој национален систем беше самиот уставно-институционален рамковен систем. Таа одбранбена линија беше разбиена.Претседателот, кој играше клучна улога во оваа одбранбена линија, побегна.Дел од уставните судии – кои исто така припаѓаа на првата линија на одбрана на овој национален систем – нечесно преминаа на другата страна како резултат на пактот Мереи-Сабо. Друга група – оние почесните – беа отстранети, при што останаа само еден или двајца чесни поединци, кои се сè уште тука, но сега се во малцинство. Следствено, и претседателот и Уставниот суд испаднаа од нашата уставна одбранбена линија.

Притоа, Орбан истакна дека, според него, при нивното враќање на власт, владеењето на правото повеќе нема да се зема предвид.

-Овде вреди да се напомене  дека секое уставно цепидлачење е непромислено. Меѓу нас, едноставно треба да констатираме дека ќе ги отстраниме сите, исто како што тие ги отстранија своите претходници. Ова не е тешка задача, бидејќи нашиот противник ни го прошири просторот за маневрирање. Да го правеа сè тоа строго во рамките на владеењето на правото, просторот за поништување на нивните постапки сега ќе беше потесен. Но, бидејќи тие ги растурија рамките на владеењето на правото, дозволено е, партијата е слободна да дејствува. Потребно е само мнозинство гласови, храбро срце и цврста решеност. Ние го имаме второто и третото, а за гласовите ќе зборуваме за миг.

„Интелектуалната заднина“ распадната 

Орбан се наврати на проценката на ситуацијата, откривајќи дека нивната внимателно изградена интелектуална инфраструктура е во урнатини.

-Структурата на моќ на десницата имаше втора одбранбена линија, составена од елементи на граѓанскиот сектор. Тука спаѓаа фондации, истражувачки институти и универзитети. Тие беа демонтирани. Таа одбранбена линија повеќе не постои. Нивното демонтирање не беше тешко, бидејќи имавме создадено решение засновано на компромис. Сега нема да се навраќам на дебатата околу тоа – за тоа сме разговарале неколкупати на претходните собири во Кетче (Kötcse) – но фактот е дека ние не ги приватизиравме овие институции. Не создадовме приватни универзитети и наместо тоа, основавме универзитети управувани од фондации што служат на јавниот интерес. А, бидејќи служат на јавниот интерес, за жал, не можеме да го оспориме правото на владата – со оглед на нивното двотретинско мнозинство – да го поништи тој процес. Но, без оглед на тоа дали правно мораме да го прифатиме ова или не, поентата е дека таа одбранбена линија ја нема. Стотици луѓе ги загубија работните места, исчезна интелектуалната заднина, исчезна огромен екосистем од медиумски „говорници“ (talking heads). Сето тоа беше изгубено, а тие беа практично уништени професионално и финансиски.

Тој зборуваше само накратко за колапсот на финансирањето на медиумите наклонети кон Фидес:

-Третата одбранбена линија на структурата на моќ на десницата се медиумите. Во тек е огромна технолошка промена – која не само што ги десеткува националните медиуми, туку го трансформира и целиот медиумски пејзаж, како на десницата така и на левицата , претставувајќи многу сериозен предизвик за оние што работат во оваа професија.

Губење на парламентарниот имунитет

Според Орбан, четвртата одбранбена линија на структурата на моќ на десницата бил личниот имунитет на нивните политичари.

Тоа го нема повеќе. Ништо не нè штити нас, политичарите – вклучително и мене (можеби звучи нескромно, но со оглед на негативниот контекст, можеби е исправно прв да се спомнам себеси).Парламентарниот имунитет е институција што со векови се користи за поставување пречки секогаш кога еден политички табор сака да ги уништи политичарите од спротивниот табор. Сепак, за имунитетот е потребно двотретинско мнозинство – кое во моментов е во рацете на спротивната страна – така што, во пракса, сите наши политичари се незаштитени. И тие се мета на прогон, во зависност од улогата што ја одиграле. Токму затоа јас сум главната цел, иако овде има и други што се наоѓаат во ова ловечко поле.Ова е реалноста со која мораме да се соочиме, а оваа одбранбена линија нема да нè заштити. Добро би било политичарите да сфатат дека животот не се состои само од успех, се случуваат и вакви работи.

А, што е со милијардерите од неговиот круг?

-Следниот елемент од одбранбената линија се однесува на материјалните темели на десничарската структура на моќ. Во моментов, мораме да кажеме дека секоја деловна групација посветена на христијанско-националните вредности е под напад; овие одбранбени линии функционираат само делумно или воопшто не функционираат. Токму тоа е она што е изгубено. Што преостанува? Ситуацијата е следна: прво, тука е она што е познато како „Фидес“ (Fidesz), а тука е и она што е познато како „Ми Хазанк“ (Mi Hazánk). Десницата има две партии. Зад секоја партија стојат пратеничка група, фондација и буџет – не мал, туку значителен – како и база на податоци, која служи како појдовна точка за политичката работа. Покрај тоа, тука е системот на пратеници во Европскиот парламент – нашите претставници и нивните мрежи – како и системот на локални самоуправи, мрежата на медиуми што опстанале и, се надеваме, вешто се реорганизирале, и конечно, „борците“.

Лидерот на Фидес исто така изнесе како би дошло до колапс на системот на управување на Петер Маѓар.

-Прво доаѓаат банкротствата на општините. Второ, банкротствата во земјоделството. Трето, банкротствата на малите и средните претпријатија; Четврто, проблемите со кои се соочуваат пензионерите  и конечно, економија што е целосно блокирана и разнишана во однос на нејзините макроекономски показатели. Ова е сценариото со кое се соочуваме. Не затоа што го посакуваме, ниту затоа што го предизвикуваме – бидејќи, за жал, не би можеле да го предизвикаме ова дури и да сакаме, а згора на тоа, не ѝ посакуваме зло на нашата земја – туку едноставно затоа што таква е предвидливата динамика на процесите што се одвиваат.

Корупцијата нормално не беше спомната. Тој само рече дека ќе излезе на виделина оти тие (од партијата на Маѓар)  насекаде викале ’корупција‘, а таа не постои.

-Едноставно ја нема. Ќе ги добиваме судските спорови еден по друг. Јас ја предводев оваа влада. Во оваа влада немаше корупциски скандали.

Според Орбан, нивната задача е да се погрижат „економијата да биде тема број еден во унгарскиот јавен дискурс.

-Секоја дебата за економијата е добра, а сè што не се однесува на економијата е лошо за нас. Значи, причината поради која понекогаш оставаме впечаток што е послаб отколку што треба – или послаб од реалноста – е тоа што го сфаќаме премиерот Маѓар сериозно. Гледате, постои унгарска традиција. Унгарците – вклучително и новинарите, па дури и оние од десницата – веруваат дека премиерот, по дефиниција, е сериозен човек. Затоа, мора да се фокусирате на она што тој го зборува. Каква глупост!

Тој потоа  опширно го разработи ова тврдење и им даде совет на нивните новинари и експерти:

-Не треба да го сфаќате премиерот сериозно, бидејќи тој зборува глупости. Секој ден носи некаква театарска претстава, и токму тоа е вниманието што таа го заслужува. Реалноста, од друга страна, е нешто за што треба да се разговара. Затоа, им предлагам на нашите медиумски личности, советници, експерти и новинари да се обидат да се прилагодат на оваа нова ситуација. Не е важно што вели премиерот. Важна е само една работа: што навистина се случува. Она што се случува е дека дизелот чини 700 форинти – тоа е реалност. Фактот дека земјоделскиот сектор колабирал и дека нема никаква помош. Фактот дека форинтата зајакнала, а сепак извозно ориентираните мали и средни претпријатија не добиле никаква поддршка. Тоа е реалноста, за тоа треба да зборуваме. А, не за тоа како можеби ќе ги укинеме окружните собранија. А, сепак постојано зборуваме за тоа. Им помагаме. Со тоа што не сме доволно паметни или итри, всушност им помагаме. Не треба да го правиме тоа.

И конечно, тој проговори за „мозаичната десница“ – концепт воведен од Мартон Бекеш, за кој претходно се зборуваше со почит во круговите на Фидес.

-Нема смисла да се шпекулира за различните соодноси во рамките на десницата. Не гледам никаква логика во зборувањето за ‚мозаична опозиција‘ без претходно да се разјасни што всушност значат тие зборови.Забележувам дека овој термин моментално е во мода. Сите сме виделе мозаик, нели? Едно поединечно камче од мозаикот нема значење само по себе. Секое камче е дел од сликата и тие се вклопуваат едно со друго. Тие се вклопуваат на уреден и дисциплиниран начин за да ја одржат сликата. Тоа е суштината на мозаикот. Мозаикот не означува расцепканост, разноликост или поделба; напротив – тој подразбира дисциплина, координација и соработка.

Десницата отсекогаш била мозаична заедница. Ако спроведеме тест овде, во десницата , ќе откриеме дека сите се согласуваме за само три работи. Прво, дека нацијата мора да биде суверена. Второ, дека нема живот без слобода. И трето, дека наследството и традицијата што сме ги примиле се вредности што мора да се пренесуваат понатаму и врз кои мора да се гради. За овие три работи се согласуваме. За сè друго – не.

Што се однесува до сè друго, сигурно има некој меѓу нас што има поинакво мислење од другите – било да е тоа за економијата, социјалната правда, богатството, претприемништвото, даночниот систем или надворешната политика. Отсекогаш сме биле мозаична заедница. И отсекогаш сме барале лидер – наш претседател – чија задача била да ги почитува тие три принципи и да ги вклопи малите камчиња од мозаикот за да создаде рамнотежа, кохерентна слика, капацитет за дејствување и победа. Тоа беше мојата работа. Овој последен пат, не успеавме – и тоа се случува.

Но, задачата останува иста. Не смееме да ги расфрламе камчињата од мозаикот на сите страни. Како би можело тоа воопшто да создаде мозаична слика? Затоа, предлагам да престанеме со тоа. Наместо тоа, ајде да водиме разумна дискусија. Ако воведуваме некој термин, мора да разјасниме што подразбираме под него, бидејќи во спротивно, нашите противници ќе бидат тие што ќе го дефинираат – а ние нема добро да поминеме во тој случај. Наместо да зборуваат за обновување, тие ќе зборуваат за нашето распаѓање. Каква бесмислица е тоа! Затоа, ги повикувам сите да зборуваат промислено – внимателно да ги бираат зборовите и да се фокусираат на соработка кога се дискутира за тоа како десницата треба да се организира.

Тој оцени исто така дека Фидес денес е водечката сила на националниот отпор и очекува дека така ќе остане и во иднина.

-Во овој момент, гледам само едно место што ги поседува знаењето, организацијата, ресурсите, раководството и парламентарната застапеност неопходни за воопшто да се преземе овој национален став. Сепак, Фидес мора да разбере дека фактот што е водечка сила на националниот отпор не подразбира ексклузивност. Секој што тоа го толкува на таков начин, мора веднаш да биде опоменат. Тоа повлекува одговорност. Сите мора да добијат поддршка. Суштината – задачата на Фидес – е да се поддржи секој што е подготвен да го крене својот глас и да се бори против самоволното владеење на национално ниво, вклучително и левицата. Спротивно на тоа, забрането е да се поддржува кој било што се бори против друга десничарска група. Ниту денар, ниту каков било ресурс не смее да им се даде, бидејќи тоа е деструктивно.

На крајот, Орбан изнесе и предвидување за брз економски колапс на сегашната влада на Петер Маѓар.

-Распадот на владата ќе се случи многу побрзо отколку што мислиме. Мораме да бидеме подготвени. Ви реков – на сите вас ви реков – дека оној што ги довел на власт, тој и ќе ги симне од власт. Народот ја доведе, и народот ќе ја симне владата. Но, ако не сме ние тие што ќе ја соборат, која е нашата улога? Нашата улога е да бидеме подготвени за моментот кога народот ќе дојде да ја симне од власт. (444.hu)