ФБИ откри мрежа на руски платеници и разузнувачи што подготвувале напади и атентати во САД и Европа
ФБИ упати сериозно ново предупредување дека Русија планира насочени атентати низ САД и во европските земји што ја поддржуваат Украина. Ова доаѓа откако во вторникот агенцијата откри дека спречила заговор за убиство на истакнат руски дисидент, за кого се верува дека живее во Вашингтон.Пет лица, за кои се претпоставува дека живеат во странство, се обвинети во врска со овој заговор, според обвинението обелоденето во федералниот суд на Менхетен.
Во него се наведува дека мрежа на руските разузнавачки служби плаќала и се обидувала да плати поединци во САД и во други земји, почнувајќи од 2024 година, за да вршат надзор, а потоа и да ги убиваат руските дисиденти. Од соработниците регрутирани од мрежата било побарано и да извршат терористички акти врз цивилна и воена инфраструктура во европски земји што се сметаат за сојузници на Украина, се вели во обвинението.
Џејмс К. Барнакл Џуниор, шеф на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, изјави дека агенцијата ги осуетила плановите „преку неуморна работа“, додека членовите на разузнавачките служби и нивните соработници „ковале заговор за заплашување, заканување или убивање луѓе на американско тло и низ целиот свет“. Американскиот обвинител Џејми Мекдоналд во соопштението наведе дека лицата обвинети во спречениот заговор „ковале план да предизвикаат уништување и хаос низ целиот свет, вклучително и овде, во САД“.Меѓу обвинетите во обвинението се и тројца високи припадници на руските разузнавачки служби, соопштија властите.
Тие се идентификувани како Јуриј Храмјев, поранешен полковник во руските разузнавачки служби; неговиот син, Кирил Храмјев, офицер во Федералната служба за безбедност на Русија; и Оемис Ромагоза Дурути, кубански државјанин и влијателен член на кубанската дијаспора што живее во Русија. Во обвинението се наведува дека Федералната служба за безбедност е главната руска безбедносна агенција и наследник на Комитетот за државна безбедност на поранешниот Советски Сојуз, познат како КГБ.
Јуриј Храмјев и другите двајца обвинети – Јаидел Делгадо Суарез и Анхел Едуардо Кастро, кои исто така живеат во Русија – регрутирале венецуелски државјанин што живее во Бруклин за да следи и убие истакнат руски дисидент, за кого верувале дека престојува во Вашингтон, се вели во обвинението. Се наведува дека лицето од Бруклин било испратено на две локации поврзани со набележаната жртва и добило „експлицитни упатства како да спроведе надзор“, при што му биле ветени 1.000 и 1.500 долари за извршување на задачата.
Откако го спровел надзорот и обезбедил повеќе фотографии и видеа од локации поврзани со набележаната жртва, лицето што живее во САД ја одбило понудата од 40.000 долари за „елиминирање“ или „отстранување“ на целта преку убиство, соопштија властите. Според обвинението, откако понудата била одбиена, припадникот на разузнавачките служби што ја дал понудата им понудил значителни суми пари на други лица во САД за да ја завршат работата.
Ова се случува во време кога западните претставници тврдат дека нападите на Москва врз европските држави се зачестени во последните месеци, паралелно со тоа што линијата на фронтот во Украина стана главно статична. Земјите блиски до Русија, вклучувајќи ги Полска, Литванија и Романија, потврдија различни инциденти на нарушување на безбедноста, но „војната од сенка“ на Кремљ се прошири и низ целиот континент. Експертот за безбедност и новинар Филип Инграм изјави за „Дејли мејл“ дека ваквите напади веројатно ќе станат сè почести, надоврзувајќи се на тактиките што Русија веќе ги има користено. Тие вклучуваат атентати и употреба на нервни агенси како што е „Новичок“, како и радиолошко оружје, на пример полониум-210, на улиците на Лондон.
Тој исто така укажа на сомнителни саботажи во магацини во Лондон и на употреба на експлозив во дронови на аеродромот во Лајпциг, покрај покрај необјаснетите активности на дронови во близина на Ирска, над базите на Американските воздухопловни сили во Обединетото Кралство и над критичната инфраструктура и воените објекти низ Германија, Данска, Шведска и други европски земји. Пријавени се дури и апсурдни операции, како испраќање ковчези со имиња на живи француски војници, испрачање секс играчки со експлозив по пошта, нарушување на сигналите на авионите, мешања во избори и креирање мигрантски бранови.
Исто така, упатени се и директни закани кон извршните директори на компании за производство на оружје во Скандинавија и Германија, како и закани кон британски компании кои помагаат во снабдувањето на Украина, додека сајбер-нападите станаа уште една сè поизразена алатка во рускиот арсенал.
Инграм изјави дека Европа може да очекува зголемен бран на вакви напади во рамките на „војната од сенка“, бидејќи „Западот, НАТО, Европа, Обединетото Кралство и САД не одговорија одлучно на потезите на Русија“.
„Сметам дека треба да настапиме поагресивно во односот кон Русија. Треба да воведеме уште построги санкции како одговор на постапките на Русија. Треба да ја зголемиме поддршката за Украина, бидејќи единствениот начин вистински да се запре Путин е тој да биде соборен од власт.“