Проширувањето не е меѓу приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ


Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги откри приоритетите на претседателството на неговата земја со ЕУ во средата. На конференцијата во Загреб, Пленковиќ (ЕПП), рече дека ставот на претседателството на Хрватска ќе се фокусира на „Европа која развива, Европа која поврзува, Европа која штити и Европа која е влијателна“.
Премиерот го откри и логото на претседателството, кое беше дизајнирано од студентот на прва година по дизајн Ива Приморац, и го има слоганот: „Силна Европа во предизвикувачки свет“.
Пленковиќ изјави дека најдобро решение за предизвиците со кои се соочува светот е посилна Унија и дека претседателството е историски момент за земјата.

Хрватска, која му се приклучи на блокот во 2013 година, слави 29 години независност и премиерот рече дека претседателството е доказ дека земјата направила скок од воена нација до стабилен меѓународен актер и член на ЕУ и НАТО.
Другиот список на достигнувања на земјата го вклучува изборот за генерален секретар на Советот на Европа претходно оваа година на поранешната шефица за надворешни работи Марија Пејчиновиќ-Буриќ.


Поранешната градоначалничка на Дубровник и европратеничка, Дубрава Суица, исто така, е номинирана за позицијата потпретседател на Европската комисија за демократија и демографија.
„Водејќи се од своите христијански корени, традиции и култура, хрватскиот народ отсекогаш искажувал љубов и припадност кон европското семејство. За нас, Европската Унија е проект на мир и надеж“, рече Пленковиќ за време на настанот.
„Нашето претседателство доаѓа во круцијално време за Европа, но и за светот“, додаде тој.
Пленковиќ рече дека долгорочниот буџет на ЕУ, повеќегодишната финансиска рамка (МФФ), е една од специфичните области на политики на кои ќе се фокусира Хрватска штом ќе започне претседателството на 1 јануари.
Земјата е дел од групата „Пријатели на кохезија“, која има за цел да го зачува процентот на буџетот наменет за кохезија.
Таа има за цел да го одржи учеството на земјите членки во проекти финансирани од кохезивни фондови. Минималната стапка на кофинансирање во моментов е 15 отсто, но некои земји членки сакаат да ја зголемат до 30 отсто.
Хрватска инсистира на тоа дека не би можела да ги исполни своите обврски во повеќето проекти доколку се оствари зголемувањето, особено во локалните заедници.
Пленковиќ рече дека ќе се направат напори да се зајакне Европскиот столб за социјални права. Западен Балкан ќе има и посебна позиција во претседателството. Во мај ќе има самит на ЕУ на оваа тема во Загреб, кој се гледа како шанса да се оживее, или да се преиспита, тековниот процес на проширување.
Хрватска е многу заинтересирана за мерките што ќе го зајакнат наталитетот на ЕУ: половина од нејзините земји членки се соочуваат со огромни демографски проблеми, повеќето од Источна Европа. Другите цели вклучуваат подобра поврзаност и зачувување на слободите и пристап до правдата.
„Ни треба Европа која ќе се поврзе. Транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура треба дополнително да се развиваат. Подобрата поврзаност подразбира подобра и побезбедна инфраструктура на податоците“, рече Пленковиќ и додаде дека внатрешната безбедност исто така ќе биде високо на агендата.
Ние ќе се залагаме за поблиска соработка на членовите во борбата против финансирањето на тероризмот. Неопходно е подобро да се поврзат сите информациски системи од областа на внатрешните работи“, инсистираше тој.
За миграцијата премиерот рече дека е потребна реформа на Заедничкиот европски систем за азил и подобра соработка со трети земји.
„Треба да бидеме поотпорни на растечки хибридни закани, засилени можности во компјутерската безбедност, борба против лажните вести“, заклучи Пленковиќ.
Хрватска го координираше своето претседателство во рамките на новата стратегиска агенда на Советот за 2019-2024 година и политичките упатства што ги објави новоизбраниот претседател на Комисијата Урсула фон дер Лајен во јули. (Еурактив)