И во август просечната плата е помала од таа во јуни

Не само што е помала во однос на јуни, туку просечната плата е пониска и во однос на мај, кога изнесуваше 41.252 денари


 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во август 2024 година малку закрепна по намалувањето во јули, и изнесуваше 41.097 денари, што е за само 136 денари повисока од таа исплатена во јули. Иако оваа просечна плата е поголема за 12,9 отсто во споредба со истиот месец лани, таа е веќе втор месец во надолна линија во однос на исплатата во јуни.

Во јуни 2024 просечната плата беше 41.939 денари. Во јули таа падна за илјада денари – 40.961. Во август, како што соопшти денеска Државниот завод за статистика, таа се зголемила незначително во однос на јули. Всушност, просечната плата за август е помала од онаа во мај – 41.252 денари, а е речиси иста со платата во април, која изнесуваше 41.085. Во исто време, растот на цените на озновните производи за живот доживеа голема брзина.

Заедно со прогнозата на Светска банка дека македонската економија ќе порасне за само 1,8 отсто оваа година (најниско во целиот регион) ова се сиви накај црни траектории за кондицијата на македонското стопанство.

Според Заводот за статистика, минималното зголемување на просечната плата во однос на јули е забележано во секторите: Уметност, забава и рекреација (5,3 %), Земјоделство, шумарство и рибарство (4,2 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (3,2 %).

Просечната месечна исплатена бруто-плата, пак, во август годинава, изнесувала 61.806 денари.