Пропаганда против Западот, или националистичко заслепување на Македонците
Заслепување на нацијата и ослепувањето на бирачите, кои треба да одлучат во која насока ќе се движи Македонија денес, се случува преку ширењето на пропаганда на стравот од Западот
Еден поранешен претседател на државата и професор по политички теории, имаше обичај да тврди дека атентатот врз претседателот Глигоров (1995 г.) во кој од експлозијата беше речиси ослепен е само повторување на византиските игри во Македонија од времето на Цар Самуил. Според него, византискиот цар Василиј со чинот на ослепувањето на Самуиловите војници сакал да му испрати порака на Царот Самуил, кој почнал да се свртува кон Ватикан, која би се прочитала како: „Слепци, местото не ви е на Запад туку на Исток“.
Во обидот за атентат и ослепувањето на Глигоров, кој во 1993 прифати Македонија под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија да стане членка на ОН, а со смената на знамето и на Уставот да создаде услови за целосно признавање на нејзината независност и насочување на земјата кон евроатланските интеграции, професорот препознаваше одново чин на „византиската политика на Истокот“ и одново пораката: „Слепци, местото не ви на Западот туку на Истокот“. Секој исчекор на Македонија кон Западот, тврдеше тој, додека и самиот не стана националист, бил спречуван со ослепување и заслепување на нацијата и на нејзините водачи.
Иако ваквите толкувања можат да се сметаат само како лаичка, па дури и духовита интерпретација на историските настани, за љубителите на политички интриги тие не се без основа и во нив може да се откријат некои никулци на вистината за пречките на Македонија на нејзиниот пат кон Запад.
Во тој низ настани може да се стави и неразјаснетото загинување на претседателот Борис Трајковски, кој беше близок пријател со семејството на американскиот претседател Џорџ Буш и кој пред соборувањето на авионот во Босна, се надеваше на втор мандат за претседател.
Но, како византиска политика за попречување на Македонија на нејзиниот пат кон Запад можат да се сметаат денес и блокадите од Бугарија и активностите на некои политички актери во Македонија кои при очи сакаат од нас да направат слепци.
Заслепувањето на нацијата и ослепувањето на избирачите кои треба да одлучат во која насока ќе се движи Македонија денес се случува преку ширењето на пропаганда на стравот од Западот.
Клучната теза на таа пропаганда е дека „на Западот не треба да му се верува“. Западот, според оваа пропаганда, не само што не е гаранција за заштита и слободен развој на македонскиот национален идентитет, туку смислено работи, прво преку промената на името на земјава, а сега и со барањето Бугарите да бидат внесени во Уставот и натаму да биде оспоруван тој идентитет, веројатно до неговото целосно исчезнување или барем до бришењето на неговите историски корени.
Таа пропаганда на стравот од Западот има свои историски корени и ја одржува психологијата на жртва кај Македонците, кои како доказ за тоа наведуваат дека „Европа -блудницата вавилонска“ прво Македонија ја поделила на три дела, па потоа ги спречила Македонците да создадат своја држава, го помогнала геноцидот врз Македонците во Грција и етноцидот во Бугарија, нѐ принудила да смениме знаме и име и сега ѝ останало само уште да нѐ лиши од историските корени на нацијата со признавање на „бугарската историска вистина“ и да ги прогласи Бугарите за државотворен народ во Македонија.
Лекот од оваа „агресија на Западот“ врз македонскиот национален идентитет тие го гледаат во „пружањето отпор“. За почеток, тоа е неприфаќање на условите, договорени од сегашната влада за започнување преговори за членство во ЕУ со ветување дека „кога тие ќе бидат на власт ќе изнудат подобри услови за започнување такви преговори“.
Со тоа се постигнува запирање на преговарачкиот процес и се отвора простор за „преиспитување“ на патот. Но има во тој кампус на пропагандисти на стравот од Западот и отворени заговарачи на поништувањето на сите договори со кои е направен исчекор во таа насока, од поништување на Преспанскиот договор со Грција, до понишување на Договорот за добрососедство со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.
Иако на моменти таа пропаганда се чини дека е само политички фолклор за забава на „големите Македонци и кафеански македонски патриоти“, па дури и кога доаѓа од редот на некои академици и владици, таа не е без влијание врз систематското заслепување на избирачите.
Нивната византиска порака одново гласи: „Слепци. Вашето место не е на Западот туку на Истокот“. Истокот е гаранција за заштита и почитување на вашите славјански корени на христијанската вера, христијанските вредности и на вашиот јазик и култура.
Политиката на отпор кон уставните промени што тие ја водат и промовираат ја пакуваат во тврдењата за „некадарноста и неспособноста на оние што договарале преговарачка рамка за влез во ЕУ“ и тоа не каква било некадарност и неспособност, туку таква која не била во состојба да ги согледа виталните интереси на Македонците и на македонска нација, со што на некој начин извршиле и вршат национално предавство. Проблемот бил и во тоа што наводните „национални предавници“ не ги консултирале тие пропагандисти во сите фази од преговарањето за рамката за започнување преговори со ЕУ за членство и не бил постигнат консензус каков што тие ќе постигнеле со нив ако биле или ако дојдат на власт.
Покрај сите противречности, со таа националистичка кампања пропагандистите на стравот од Западот и носителите на политиката на отпорот, си издигаат себеси на ниво на „бранители на македонската нација од туѓи посегнувања“ и во еден вид нови „уставобранители“ кои се подготвени и со насилство во парламентот да го спречат тоа.
Што ќе биде резултатот од ова националистичко заслепување на Македонците?
Прво. Македонија сама си воведува вето за отворење на преговорите по поглавја со ЕУ кое може да трае до целосно губење на преспективата за членство.
Второ. Македонија по ова не мора веќе ниту да го чита извештајот на ЕК за напредокот кон ЕУ ниту да се придржува до некои препораки.
Трето. По ова ЕУ ќе размисли дали да ѝ дава на Македонија дел од своите претпристапни фондови за нејзино прструктуирање и подготовки за членство, што ќе значи и економско заостанување на Македонија.
Четврто. Бугарија како кочничар на процесот за влегување на Македонија во ЕУ ќе биде целосно амнестирана за своето однесување со што таа може да стане уште поарогантна.
Петто. Во Македонија ќе се отворат прашањата, но и ќе зајакнат притисоците за нови алтернативи во развојот надвор од членството на ЕУ, а тоа се: „Македонија како Швајцарија на Балканите“ или Македонија како дел од БРИКС и Евроазија. А со тоа ќе зајакнат и внатрешните поделби и тензии.
Партијата која во своето име има ставено дека ќе се бори за „македонско национално единство“ и која е предводник на „отпорот“ со својата политика на „бескомпромисност“ е на пат да го оствари најдлабокиот раскол во македонското национално ткиво и да си ги врзе рацете за решавање на кој било проблем од важност за нацијата.
Политиката на инает и на нациналистичко заслепување на нацијата ќе им се исплати само на неколкумина политички демагози од редовите на сегашната опозиција, кои по изборите, од позиција на власт, ако ја добијат, ќе ни кажеле како тие ќе ги принуделе Бугарија и ЕУ да ја прифатат промената на условите за започнување на преговорите за членство и ќе ја спаселе нацијата од пропаст. И тоа е политика позната меѓу Македонците како политика на измама со поговорката: „Мижи Асан да ти баам“ или „Не умри магаре до зелена трева“
Засега не е познато дали мнозинството Македонци ќе ја прочита таа измама на време. Додека шират политика на страв од Западот таквите пропагандисти се свесни дека Истокот со своите проблеми одамна ги има отпишано, и дека со своите небулози висат во воздухот како надуен балон за кој никој со сигурност не знае кај и кога ќе падне.
Сега граѓаните треба да се сетат на онаа приказна во која се раскажува за пилот кој паднал со својот авион во едно племе во амазонската џунгла во кое сите биле слепи. Кога пилотот почнал да им објаснува дека се тие слепи и дека има ден и има ноќ и разни бои во џунглата, се состанал племенскиот совет и заклучил дека „дојденецот од небото халуцинира и измислува заради тешка болест која е предизвикана од она што тој го нарекува очи“. И заклучиле дека треба да му се извадат очите за да биде излекуван и да стане нормален како сите останати слепци.
Дали ќе ја доживееме судбината на пилотот, сепак, од нас зависи.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)