Пронајдено тело во водите на Вардар, најверојатно станува збор за лицето што вчера скокна во реката


Фото: Б. Грданоски

Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево информираа дека во водите на Вардар е пронајдено тело, кое најверојатно е на лицето кое вчера се фрли во реката од мостот „Близнак“ на булевар „Србија”.

– Согласно дојавата од граѓани на 112 во ЦУК и во координација со МВР и со Брзата помош, попладнево е пронајдено лице, кое е најверојатно е она коешто си го одзеде животот вчера, фрлајќи се од мостот „Близнак“ на булевар „Србија” во реката Вардар. Удавениот човек е лоциран на околу два километра низводно од мостот, соопштија од ЦУК..

Според Центарот, телото на давеникот е извлечено од тимот на МВР и понатаму ќе се постапува согласно процедурите за вакви случаи и дополнително ќе следи идентификација и потврда на случајот.

– За дополнителни информации или детали ќе ве известиме согласно добиените информации, додаваат од ЦУК.

Како што претходно информираа од Центарот, по направената координација со МВР, ДЗС, локалните самоуправи Гази Баба, Аеродром и Град Скопје, како и Црвениот крст, денеска со чамец се вршеше потрага низводно по течението на Вардар во ширина на пресекот на струјата на речното корито од страна на специјализираните единици на МВР.