Пронајдени човечки коски и облека кај кочанско Оризари


Жител на кочанската населба Оризари вчера претпладне, додека изведувал земјоделски активности на својот имот, забележал остатоци од облека и човечки коски, по што веднаш ја известил полицијата.

Од СВР – Штип го потврдуваат настанот, но не соопштуваат дали се работи за остатоци од постар датум.

-На 19.03.2023 во 11.15 часот во ОВР – Кочани било пријавено дека во нива на место викано Кочански Дол биле пронајдени човечки коски, облека и обувки. Известен е јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа од Одделението за внатрешни – Кочани. По наредба на основниот јавен обвинител пронајденото е дадено на вештачење, истакнуваат од Полицијата.

Месноста Кочански Дол не е населена, се наоѓа меѓу катастарските општини Кочани и Оризари и има лозја, ниви и неколку помошни земјоделски објекти.

Во изминатиот период во полицијата како исчезнати беа пријавени неколку лица од Кочанско, а тројца мажи и две жени сè уште се во полициската евиденција и се води постапка за нивно пронаоѓање. Се очекува наодите од вештачењето да го покажат идентитетот, како и причините за смртта и периодот кога починал човекот.