Пронајден мртов познат норвешки антиисламски десничар
Во својот дом во норвешкиот град Кристијансанд е пронајден мртов Дан-Аивинд Лид (48), член на антиисламската крајно десничарска група СИОН, јави норвешката телевизија НРК.
Претставникот на полицијата во Кристијансанд, Хенрик Буган Хегдал, соопшти дека Лид на телото имал повреди и дека полицијата почнала истрага за сомнение за убиство.
Еивинд Лид во август годинава учествуваше во палењето на Куранот од страна на десничарската група СИОН (Стоп на исламизацијата на Норвешка) во градот Берген, и е познат по својата огромна поддршка на лидерот на групата СИОН, Ларс Торсен.
Членовите на СИОН бараат забрана за исламот во Норвешка, нагласувајќи дека во таа земја нема место за ислам и дека копиите од Куранот треба да бидат целосно уништени.
Организацијата често организира антиисламски протести..
Исламот, инаку, е втората по големина религија во Норвешка. Во 2017 година во Норвешка, земја со околу 5,4 милиони жители, имаше околу 200.000 муслимани, од кои 148.000 како членови на организирани верски заедници. Повеќето муслимани во оваа земја имаат имигрантско потекло и потекнуваат од Пакистан, Ирак, Сомалија, Босна и Херцеговина, Иран, Турција …
Норвешка беше сцена на еден од најгрозоморните напади на десниот екстремизам во Европа во јули 2011 година, кога Андерс Беринг Брејвик уби 77 лица.