Промовирана нова веб-страница со податоци за состојбата со западнонилска треска, ризичните подрачја и преземените активности
Нова веб-страница http://www.healthalert.mk/, на која има податоци за состојбата со западнонилската треска, ризичните подрачја и преземените активности, промовира денеска на прес-конференција министерот за здравство, Сашо Клековски. Опфатени се податоци од Клиниката за инфективни болести, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, а во иднина ќе има податоци и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
– Со цел да обезбедиме навремено и максимално транспарентно информирање на јавноста за западнонилската треска, подготвивме нова веб-страница, која на едно место ги обединува сите податоци. Овде се комбинираат податоци во врска со епидемиолошката состојба, ризичните подрачја и преземените активности. Оваа мапа е благодарение на општествената одговорност на ГДИ – ГИС ДАТА, работена изминативе неколку дена – рече Клековски.
На веб-страницата, појасни, е прикажана мапа со бројот на случаи со западнонилска треска, а во долниот агол стои кога е направено последното ажурирање.
– Имаме 34 лоцирани потенцијални легла на комарци. Бројот на засегнати општини е девет. Општините се прикажани со различна боја во зависност од концентрацијата на случаи. Имаме листа на потенцијални легла на комарци со детален преглед. Даден е преглед на сите активности: на кој ден каде е прскано, со што е прскано и кој прскал. Случаите на заразени се геолоцирани по населени места, за да се зачува анонимноста на пациентите, но помага да се бара корелација меѓу бројот на заразени и жариштата. Интерактивната мапа нуди интеграција на податоци од сите релевантни институции со јасно назначување на времето на ажурирање, посочи Клековски.
Тој рече дека максимално ќе ја зголемат транспарентноста и информираноста и ќе го скратат просторот за дезинформации.
Линкот од новата веб страница http://www.healthalert.mk/ го има на веб-страниците на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.