Промоција на водичот за родители „Оригами“ од д-р Камелија Симеонова во хотел „Хилтон“


Вечерва, од 19 до 21 часот, во хотел „Хилтон“ ќе се одржи промоција на водичот за родители „Оригами“ од д-р Камелија Симеонова, во издание на Издавачки центар ТРИ.

Овој прирачник за воспитување на д-р Камелија Симеонова е резултат на нејзината долгогодишна работа како докторка во „Аџибадем Систина“, а и како основачка и сопственичка на „Ориками“, центар за психолошко советување. Преку својата работа, д-р Симеонова им помага на семејствата да останат поврзани, стабилни и цврсти во процесот на растење и промена. Оваа книга е практичен водич за родителот – како да се соочи со конкретни предизвикувачки ситуации пред да прераснат во конфликт, како да се воздржува од обвинување и споредување, како да го чита молкот и бунтот на своите тинејџери и како да се однесува во други секојдневни ситуации. Преку практични примери, д-р Симеонова ги насочува родителите и воспитувачите кон најдобрите решенија за болните случувања во животот на децата. Накратко, комплексноста на воспитувањето е едноставно објаснета нудејќи клуч кон решавање на промените и предизвиците во тинејџерството.

Промоторка на настанот ќе биде м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца, која е позната во јавноста со нејзините психоедукативни статии на deca.mk. Разговор што ветува насоки што ќе ве водат во воспитувањето на децата во различни периоди од нивните животи.

Благодарение на психијатриската стручност на д-р Камелија Симеонова, знаењата и долгогодишната работа во областа на м-р Христина Стефановска, од Издавачки центар ТРИ ги покануваат сите кои веруваат во моќта на зборот како најсилна алатка за разбирање, поврзување и поддршка во воспитувањето на децата.

Промоцијата е од отворен карактер и добредојден е секој сегашен и иден родител, како и професионалците од областа на менталното здравје, образованието и воспитувањето.